Служејќи се со сите алатки кои ги има на располагање, Кина ги постави темелите за шпионажа врз нејзините граѓани, притоа давајќи широки овластувања на локалната полиција, која стана еден вид на „шериф“ со апсолутна моќ врз обичниот човек. Со мрежата која шпионира и следи околу 1,4 милијарди луѓе, Кина може да се пофали дека го постави примерот на светско ниво за тоа како да изградите тоталитарна дигитална држава во која „големиот брат“ знае, гледа и слуша се, а неговите војници се токму оние кои треба да го штитат народот, пренесува „Њујорк тајмс“.
Притоа, Кина се служи со старите, но и со модерните технологии, вклучувајќи следење на мобилните телефони, камерите за препознавање на лицето и отпечатоците на прстите, како и со базите со податоци.
Со комбинирање на овие алатки, полицијата има лесен пристап до животот на оние кои ги следи, лесно откривајќи каде одат, со кого се среќаваат и дали се дел од Комунистичката партија. САД ги користат истите алатки кога станува збор за следење на терористи или за дилери на дрога.
– За разлика од САД, Кина ги употребува податоците за да ги следи сите. Моќта е во рацете на локалната полиција, која лесно може да ги следи животите на сите, кога и да посака. Друг страшен детаљ е тоа што овие податоци се складираат на сервери кои воопшто не се заштитени од злоупотреба, а пристап имаат и компании кои тргуваат со податоци – се тврди во написот на американскиот весник.
Начинот на кој оперира полицијата е едноставен. Како пример може да се земе мал индустриски град во централна Кина, во кој властите поставиле четири камери и инсталирале две бели кутии на портите од комплекс со хотели. Откако биле активирани, телефонските скенери, наречени ИМСИ (интернационален мобилен прибирач на идентитети), почнале да собираат податоци од корисниците на хотелите, а камерите постојано ги ловеле нивните лица.
Кога ќе се појават лице и телефон на исто место во исто време, системот ги поврзува двете и ги складира во базата на податоци. За само четири дена во април, системот складирал 67.000 телефони и над 23.000 фотографии. Системот ги складирал податоците и преку 3.000 телефони биле поврзани со лицата на нивните корисници.
Овој едноставен систем е дел од набљудувачката мрежа на Кина, која опфаќа регистарски таблички, телефонски броеви, како и информации од социјалните медиуми, се наведува во базата за податоци на Бирото за безбедност на Женгжу.
Според еден полициски документ, полицијата сака сеопфатно да го знае идентитетот на корисниците на Интернет на јавни места, нивното однесување, локација, како и однесувањето додека сурфаат онлајн. Луѓето минуваат и оставаат трага… се од имиња, возраст, брачен статус, работна позиција, како и точното време на излегување и враќање во нивниот дом. Одредени теории одат дотаму, што граѓаните тврдат дека ваквиот софтвер може да ги скенира и препознае изразите на лицето и нивните емоции, предвидувајќи ги можните постапки на луѓето со алгоритам.
Со помош на овие алатки, полицијата, која и онака ужива голема слобода и моќ, станува уште посилна. Со помош на алатките за следење, властите, наводно, креираат листи со имиња, со нивните движења и постапки, па така, лесно можат да знаат кога одредено лице има шанса да постапи на одреден начин, да претставува опасност, или пак, да упатат сигнал кога лицето се приближува на одредена локација каде што според нив, не треба да биде.
– Податоците оставаат трага која води до нас, а може да се употреби против нас од страна на властите, или пак, шефовите на работа. Животите немаат никаква вредност – вели Агнес Ојанг, технолошки работник кој се обидува да ја подигне свеста кај луѓето за злоупотребата на личните податоци од страна на владите.
Шпионажата од страна на полицијата е без граници. Така, двајца полицајци пристапиле на Агнес додека таа одела на работа. Тие ја известиле дека сторила прекршок додека преминувала улица и побарале да им покаже лична карта. Откако одбила, еден од нив едноставно ја сликал со неговиот телефон. За само неколку минути, системот ја идентификувал и таа добила казна.
– Полицијата, која е составена од луѓе со ниски морални вредности, поседува страшно оружје од модерна технологија – вели Агнес.
Иако ја знаела опасноста, таа сепак излегла јавно и проговорила за настанот. За само неколку часа, нејзините објави на Интернет биле тргнати два пати. Потоа, таа добила телефонски повик од полицијата. Откако прашала како ја нашле, полицаецот одговорил дека за нив е лесно да најдат кого сакаат, како што тврди таа.
Таа вознемирено открива дека нејзините пријатели не сакаат да живеат во полициска држава и планираат наскоро да заминат. Таа не сака да ја напушти земјата, но вели дека стравува за себе и за другите кои се осудени да живеат под постојан надзор во текот на целиот живот.
– Нема излез – вели таа.