Документарниот филм „КЕИФ“ (Македонска чалгиска традиција), кој својата премиера ја имаше на 11 ноември оваа година, во рамките на фестивалот СИНЕДЕЈС, ќе има и две проекции во Кинотеката на Македонија, денеска од 20.00 часот и утре од 18.00 часот. Влезот за двете проекции е слободен.
Филмот го следи развојот на чалгијата во Македонија, западните влијанија, резултатите од оваа синтеза и секако, нејзиното појавување во денешниот контекст, преку интервјуа со македонски музичари, но и светски познати уметници како Кудси Ерѓунер, Омар Фарук Текбилек, Ѓунај Челик, Симон Шахин итн.
Во реализацијата на филмот учествуваа режисерот и монтажер Блаже Дулев, сценаристот Ристо Солунчев, кинематограферот Горан Наумовски, дизајнерот на звук Дарко Спасовски Пацки, продуцентите Горан Стојилковиќ и Владимир Стојчевски. Филмот е во продукција на Award Film & Video и истиот е реализиран со поддршка од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија.