Аркадиуш Милик

Осум фудбалери постигнаа три гола на еден меч, за рекорд на групна фаза на ЛШ, а за цела сезона рекордот е девет хет-трика во 2016/2017

Полјакот Аркадиуш Милик со хет-трикот (три гола) на мечот против Генк (4-0) стана осмиот фудбалер сезонава кому му успеа тоа во Лигата на шампионите (ЛШ). Сезонава во групната фаза хет-трик постигнаа и Ерлинг Холанд од Салцбург (на мечот со Генк, 6-2), Милан Оршиќ од Динамо Загреб (Аталанта, 4-0), Серж Гнабри од Баерн (четири гола против Тотенхем, 7-2), Рахим Стерлинг од Манчестер сити (Аталанта, 5-1), Килијан Мбапе од ПСЖ (Бриж, 5-0), Родриго од Реал (Галатасарај, 6-0) и Роберт Левандовски од Баерн (четири против Црвена звезда, 6-0).

Сезонава со осумте хет-трика е рекордна во ЛШ за една групна фаза, а недостига само уште еден за израмнување на рекордот за цела сезона, од 2016/2017, кога девет пати беше забележан хет-трик. Според статистиката на Европската фудбалска унија (УЕФА), трите гола на Милик се 103-от хет-трик во групната фаза откако ЛШ се игра според овој формат од 1993 година. Од другите рунди, 13 хет-трика биле постигнати во осминафинале, шест во четврт-финале, пет во полуфинале и ниту еден во финале.

Сепак, до 1993 година во дотогашниот Куп на шампионите беа постигнати четири хет-трика во меч за титулата. Така, во 1960 година, во победата на Реал Мадрид со 7-3 против Ајнтрахт, Ференц Пушкаш постигна четири гола, а Алфредо ди Стефано три. Пушкаш постигна уште еден хет-трик во натпревар за трофејот, но Реал Мадрид загуби од Бенфика во 1962 година. Четвртиот хет-трик во финале е дело на Пјерино Прати од Милан на дуелот со Ајакс во 1969 година (4-1).


Фати стана најмлад стрелец во ЛШ

Тинејџерот Ансу Фати (17 години и 40 дена) од Барселона влезе во книгата на рекорди како најмлад фудбалер што постигнува гол во Лигата на шампионите, на мечот против Интер (победа со 2-1). Претходно рекордот го држеше Ганецот Петер Офори-Кваје во дресот на Олимпијакос на мечот против Розеборг (1-5), на 1 октомври 1997 година, кога имаше 17 години и 195 дена.