Опасност ги демне тие што не знаат дека на патеката на мостот во населбата Влае има дупки, а доколку некој не ги забележи може и сериозно да настрада. Локалните жители многу се револтирани од неодговорниот однос на надлежните бидејќи мостот е фреквентна локација. Според нив, можеби требало да го реконструираат кога се правеа и реконструкциите на улицата Партизански одреди. Од градот има најава дека мостот ќе се реконструира
Опасно е минувањето по пешачката патека на мостот „Обединети нации“ во населбата Влае. Особено на пешачкиот дел што води од населбата кон центарот на градот, бидејќи во еден дел недостига цело бетонско парче, а од дупката што зјае е останата само металната арматура. Оние што секојдневно минуваат пеш или со велосипед по мостот над Вардар чекорат и возат многу внимателно за да ги избегнат дупките. Опасноста ги демне тие што не знаат за нив и некој може и сериозно да настрада. Локалните жители се многу револтирани поради ваквите состојби на мостот.
Сметаат дека тие се резултат на неодговорниот однос на надлежните. Мостот е фреквентна локација, објект што, според нив, можеби требаше да го реконструираат кога се правеа и реконструкциите на улицата Партизански одреди. Жителите мислат дека мостот не е поправан можеби педесет години и само одвреме-навреме дупките што се појавуваат на пешачките патеки биле пополнувани со бетон или со асфалт. Поради неквалитетното крпење и поради отсуството на стручна и целосна санација, мостот е доведен во ваква состојба. Некои од тамошните жители прашуваат што треба да се случи за да се поправат пешачките патеки на мостот „Обединети нации“. Мислат дека повеќе станува збор за негрижа отколку за пари. На други, пак, иако мислат дека не се стручни, им се наметнува и прашањето не е ли време повторно да се испита безбедноста на мостот и поради тоа што не е реконструиран одамна и поради тоа што преку него секојдневно има голема сообраќајна фреквенција. Од градот смируваат и тврдат дека сите мостови редовно се мониторираат, а мостот „Обединети нации“ е на листата за реконструкција.
Надлежните оттаму не ни одговорија колку години е стар мостот и кога на него е направена последната реконструкција.
– Дупката на патеката е заплескана со бетон или асфалт неколкупати, ама сето тоа повеќе е крпење отколку вистинско санирање на пешачкиот дел. Мостот не е чепнат можеби педесет години. Патеката всушност има две големи дупки и многу е раскопана. Не е безбедна ниту за пешаци ниту за велосипедисти. Пукнатини на секој чекор и нерамнини. Не се сеќавам дека некогаш е поквалитетно поправена. Постојано една дупка ќе се закрпи, па ќе се отвори друга, па таа ќе се закрпи. Можеби патеката не е адекватно направена откога јас паметам. Пред неколку месеци се реконструираа двете сообраќајници, а асфалтот на мостот и на патеката останаа такви какви што се, а тој на коловозот целиот е собран. Нам не ни е гајле чија надлежност е мостот, важно ни е да биде саниран, а за тоа нека се договорат општината и градот – вели жител од населбата Влае.
Градските власти, пак, веќе најавуваат негова санација и тврдат дека за неа веќе се прибира и потребната документација.
– Сите мостови што се во надлежност на градот Скопје редовно се мониторираат, од аспект на нивната состојба и потреба за реконструкција и интервенции. Годинава завршија реконструкциите на делатациите на мостот „Гоце Делчев“, како и на мостот на Јадранската магистрала на реката Серава. Мостот „Обединети нации“ е на листата за реконструкција на градот Скопје, а во моментов се изготвуваат потребните студии и проект, а самите зафати би започнале да се реализираат наредната година – информираат од градот Скопје.
Мостот „Обединети нации“ ги поврзува населбите Влае и Карпош 4. Преку него поминува најфреквентната сообраќајница во градот, булеварот Партизански одреди, по која секојдневно сообраќаат илјадници автомобили и тешки товарни возила. Две ленти од мостот „Обединети нации“ биле изградени уште пред катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Сегашната форма ја добил во средината на шеесеттите години од минатиот век, кога се градел булеварот Партизански одреди. Официјално мостот е пуштен во употреба во 1967 година.