Со темнозелени и големи листови, блитвата е еден од најнутритивните зеленчуци. Таа е лиснат зеленчук и е од сличен вид како спанаќот и марулата. Расте насекаде низ светот, бидејќи е многу лесна за одгледување. Потекнува од Медитеранот. Нуди многубројни витамини, минерали и моќни растителни состојки.
И сосема мало количество блитва го покрива дневниот потребен внес на витамините А и К и Ц. Таа е одличен извор на калциум, магнезиум, цинк, фосфор и витамин Е. Освен што е нутритивна бомба, блитвата е и нискокалорична со што спаѓа во групата јадења што се препорачуваат за лицата што сакаат да изгубат телесна тежина.
Богата е со антиоксиданти што се борат со болести
Бидејќи е богата со антиоксиданти што се борат со слободните радикали, кои, пак, водат до многубројни болести, блитвата е одлична во борбата со нив. Таа содржи полифеноли, витамин Ц, витамин Е како и бета каротен. Овие нутриенти ги штитат ќелиите од штетата од слободните радикали. Консумирањето храна богата со антиоксиданти како што е блитвата, може да ги намали шансите за развивање хронични болести.
На пример, една студија покажала дека лицата што внесувале поголемо количество бета каротен, имале значително помал ризик од развивање рак на белите дробови од оние што не внесувале.
Блитвата содржи флавоноидни антиоксиданти, како кверцетин, каемферол, рутин и витексин.
Каемферолот е моќен во борбата со воспаленијата, па дури има и антиканцер-дејство. Една студија покажала дека каемферолот го напаѓа канцерот на панкреасот спречувајќи го од растење и убивајќи ги неговите ќелии.
Истражувањата покажуваат дека витексинот, уште еден флавоноид со кој е богата блитвата, може да помогне во борбата со срцевите заболувања, така што го намалува крвниот притисок.
Преполна е со растителни влакна
Растителните влакна се многу важни за функционирањето на човековото тело. На пример, на цревата им ги дава потребните бактерии, дава регуларно движење на цревата, помага во одржување здраво ниво на холестерол и го стабилизира нивото на шеќер во крвта. Околу 175 грама зготвена блитва дава околу 4 грама растителни влакна, што е 15 проценти од дневната препорачана доза. Здравствените организации како што е Американската асоцијација за срце и Американската асоцијација за дијабетес препорачуваат возрасните да консумираат најмалку 25 до 30 грама растителни влакна на дневна основа.
Обезбедувањето храна богата со растителни влакна за вашето тело има многубројни здравствени придобивки. Лицата со таква исхрана имаат помалку шанси да развијат канцер на цревата, во стомакот и имаат намалени можности за развој на срцеви заболувања. Дополнително, лицата што консумираат храна богата со растителни влакна имаат значително помала телесна тежина од оние што не консумираат.
Одличен извор на витамин К
Витаминот К најмногу се наоѓа во растенијата. Во 175 грама блитва има 716 проценти од дневната препорачана доза витамин К. Овој витамин е од голема важност за функционирањето на организмот.
На пример, потребен е за здравата густина на крвта и за голем број функции на ќелиите. Исто така е клучен за здравјето на коските. На коските им дава силина и ги одржува здрави. Нискиот внес на витамин К се поврзува со зголемен ризик од остеопороза и фрактури. Од друга страна, пак, лицата што консумираат исхрана богата со витамин К, имаат подобро коскено здравје и помали шанси за развој на остеопороза.
Бенефиции за срцевото здравје
Нема сомнеж дека јадењето свежи производи се најдоброто нешто за здравјето на срцето. Консумирањето разновидна храна се поврзува со намалување на срцевите болести, како и намалување на воспаленијата, високиот крвен притисок и високиот шеќер во крвта. Блитвата е одличен извор на калиум, калциум и магнезиум, минерали што се потребни за одржување здрав крвен притисок.
Растителните влакна во блитвата го намалуваат нивото на холестерол што го произведува џигерот.
Многубројни студии покажале дека лицата што внесувале поголемо количество лиснат зеленчук имале намалени шанси за развој на срцеви болести.
Една студија направена на 173 илјади лица, кои го зголемиле внесот на лиснат зеленчук за една порција, имале 11 проценти намалени шанси за развој на срцеви болести.
Колку е поголем внесот на лиснат зеленчук, толку се поголеми шансите да ги намалите срцевите заболувања.
Го намалува нивото на шеќер во крвта
Блитвата ја намалува глукозата или шеќерот во крвта. Консумирањето блитва може да ви помогне во одржувањето здраво ниво на шеќер во крвта. Таа го спречува апсорбирањето шеќер со што одржува здраво ниво на шеќер во крвта. Консумирањето блитва исто така може да ги намали симптомите кај дијабетичарите.
Една студија покажала дека лицата што консумираат поголемо количество лиснат зеленчук, имаат за 13 проценти помали шанси да развијат дијабетес од оние што не консумираат.
Може да помогне во намалување на телесната тежина
Имањето здрава и избалансирана исхрана во која е вклучена блитвата може да помогне во борбата со вишокот килограми. Таа го зголемува чувството на ситост, па така ја намалува потребата од грицкање по оброкот.
Една студија направена на 120 лица со зголемена телесна тежина, кои, пак, консумирале повеќе блитва, имале значително подобри резултати во губењето телесна тежина од оние што не консумирале блитва.
Друга студија, пак, забележува дека лицата што консумираат зеленчук воопшто, имаат 17 проценти помалку шанси да бидат дебели од оние што не консумираат.
Нутритивна вредност
Околу 175 грама зготвена блитва содржи:
Калории: 35;
Протеини: 3,3 грама;
Јаглехидрати: 7 грама;
Растителни влакна: 3,7 грама;
Витамин А: 214 проценти од дневната препорачана доза;
Витамин Ц: 53 проценти од дневната препорачана доза;
Витамин Е: 17 проценти од дневната препорачана доза;
Витамин К: 716 проценти од дневната препорачана доза;
Калциум: 10 проценти од дневната препорачана доза;
Бакар: 14 проценти од дневната препорачана доза;
Магнезиум: 38 проценти од дневната препорачана доза;
Манган: 29 проценти од дневната препорачана доза;
Железо: 22 проценти од дневната препорачана доза;
Калиум: 27 проценти од дневната препорачана доза.