Заврши „Таксират 2019“
Со настапот на легендарниот андерграунд-технодиџеј и поп-суперѕвезда Свен Ват, од многумина нарекуван и таткото на рејверските забави, вчерaвечер во преполната сала на СЦ „Борис Трајковски“, заврши фестивалот „Таксират 21“. Продукцијата „Пасворд“ зад себе остави уште едно успешно издание на оваа манифестација, која заслужено ја вбројуваат меѓу најдобрите музички фестивали во Европа.
На главната вечер, на 7 декември можевме да проследиме одлични концерти на годинашните учесници, на кои македонската публика, како и досега им ја додаде неопходната магија, која ваквите настапи ги прави вонсериски. Настапија 15 изведувачи на три различни сцени, а фестивалот го отвори домашниот етнометал-бенд „Верка“ од Делчево, чии членови звучеа цврсто и моќно и би требало почесто да ги слушаме во живо.
По нив премиерен настап во Македонија имаа авторите на светски познатиот хит „Young Folks“, Питер Бјорн и Џон од Шведска, кои без проблем успеаја да воспостават контакт со публиката, која освен со своите песни ја освоија и со својата непсоредност и смислам за хумор.
Потоа на сцената застанa хрватскиот рапер и стиховен еквилибрист Андрија Вујевиќ, алијас Војко В, кој благодарение на своите текстови важи за еден од најангажираните изведувачи во регионов. Публиката му помагаше цело време, а најмногу во исполнуавњето на неговиот најголем хит „Не може“.
Сепак, публиката, која доаѓаше во се поголем број, со душа го чекаше настапот на ска-панк бендот „Суперхикс“, што годинава слави 25 успешни години на сцената. Банда иснтруменатле настапи во полн состав, изведувајќи ги своите најголеми хитови и најновата песна „Ана“. Водачот Пеце Младеновски, оваа последна средба со публиката ја нарече „суперхиксично фантастична“ и беше во право бидејќи „Хикси“ создадоа одлична, енергична атмосфера и ги раздвижија буквално сите во салата, токму како што пејат во една своја песна „луѓе лудуваа, убави нешта се случуваа“. Сепак, најдобро звучеше нивната легендарна песна „Лута рана“, без која не може да се замисли ниеден нивни концерт.
По шестгодини на „Таксират“ се вратија членовите на култната група „Београдски синдикат“, познати по своите песни во кои ги жигосуваат сите неправди во општеството во Србија, но и во целиот регион. И членовите на оваа и на другите групи постојано повторуваа дека им е драго што се во Македонија, во Скопје, како што рекоа, меѓу свои луѓе.
Легендарната хрватска група „Хладно пиво“ уште еднаш на скопјани им приреди средба за паметење. Со фантастична фузија со публиката тие ги изведоа своите најпознати хитови, а салата искреше од одлична енергија, каква што треба да има на вакви фестивали.
Фестивалот, во раните утрински часови го затворија британските бејс-продуценти и херои на електронската сцена „Чејс енд статус“.
Паралелно со она што се случуваше на главниот „стејџ“, на другата бина, продефилираа најголемите трап-артисти од домашната и регионалната сцена.
Секако треба да го споменеме и сето она што му претходеше на финалето на годинашниот 21. по ред „Таксират“: меѓународна ПИН конференција, со учество на стотина значајни делегати, говорници и имиња од европската музичка индустрија, концертот на Ману Чао во МКЦ на 24 октомври со проектот „El Chapulín Solo“, а на 1 декември на истото место се одржа првиот самостоен и долгоочекуван концерт на ЛД Пистолеро, кој беше распродаден цел месец пред одржувањето и на сите што го проследија им докажа и покажа зошто овој хип-хоп артист веќе дваесет години е предводник на овој мзуички правец кај нас.
„Мугер Фугер“ и Горан Трајковски – Готра на 5 декември настаија во истата Денсинг сала на МКЦ, со заедничкиот проект „Во ова време“, со кој ја заокружија својата десетгодишна соработка. Се разбира МКЦ на 6 декември беше домаќин и на традиционалниот избор на најдобри демо изведувачи – „Лузер Фест“.