Напладне треба да биде соопштена пресудата за третообвинетиот Зоран Милески во предметот „Рекет”, на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по признанието на вина.
– Целосно се докажа дека го сторил делото за кое беше обвинет. Предлагам судот да му изрече казна ценејќи ги сите олеснителни и отежителни околности – рече вчера обвинителката Вилма Русковска во завршниот збор.
Неговиот адвокат рече дека Милески е татко на пет малолетни деца за кои треба да се грижи, има болен татко и претходно не е осудуван и побара условна осуда, а имал и здравствени проблеми.
Милески беше обвинет за примање награда за противзаконско влијание за која е предвидена казна затвор од 1 до 10 години. Тој има право на жалба до Апелациониот суд само во делот на висината на казната.
За останатите обвинети Катица Јанева и Бојан Јовановски постапката продолжува в петок, на 6 декември. Јовановски е обвинет исто така за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари, а Катица Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување.
Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го ослободи од притвор осомничениот бизнисмен Орце Камчев во предметот „Империја“.
Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при неизменети околности.
Во натамошниот тек на постапката Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.
Обвинетиот Зоран Милески договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милион евра во разни апоени, и тоа од Ана Камчева половина милион евра, а од Орце Камчев 1 милион евра.
Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист и тоа предмети, мебел во износ од приближно пет илјади евра, кој за неа го набавил Боки 13, и готовина 50.000 евра. Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, Бојан Јовановски за примање награда за противзаконско влијание и перење пари, а Милевски за противзаконско влијание.