Претседателот Стево Пендаровски во интервју за бугарската агенција БГНЕС изјави дека не ја прифаќа иницијативата за мини-шенген ако е компензација или алтернатива за членство во ЕУ. Според него, мини шенген има структурни слабости и не треба да биде нова Југославија. Тој мисли и дека ЕУ ја сфатила грешката што ја направила во октомври.
– Ако ЕУ и на самитот во Загреб, кој е закажан за време на хрватското претседателство за 6 мај, од не знам кои мотиви, причини не донесе политичка одлука, значи најнакрајот, велам, тогаш ќе биде уште поголем проблемот од аспект на пополнување на стратегискиот вакуум бидејќи ќе биде јасно дека ЕУ нема намера ни брзо да погледне кон Западниот Балкан – истакнува Пендаровски.
Шефот на државата смета дека не е претерување квалификацијата што премиерот Зоран Заев често ја дава за улогата на неговиот бугарски колега Бојко Борисов и на актуелната бугарска влада во последните две години кога вели дека заедно со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас помогнале државата побрзо да се извлече од меѓународна изолација. Наедно тој информира дека има покана од неговиот бугарски колега Румен Радев да ја посети Софија.
– Со него имаме начелно разбирање и тој има разбирање за мојата позиција. Заедничката историска комисија во меѓувреме не работи со посакуваното темпо од двете страни. Решивме да почекаме да видиме евентуално позитивни трендови во рамките на таа комисија и после да имаме и со што да се пофалиме малку. По Софија сакам да го поканам Радев во Скопје. Треба да ви кажам дека и во двете држави работиме интензивно за создавање амбиент за послободно, покомотно и поцелосно почитување на историските факти. Но ние не можеме да работиме за историчарите – додава Пендаровски.