Дали на лобирањето второ име му е легална корупција

Целта на носењето на овој закон, кој веќе е во собраниска процедура, е поефикасна превенција од корупцијата, како една од препораките на телото за борба против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО). Сепак, искуствата во Европа и во светот се различни, а понекогаш и спротивставени

Колку лобирањето им е навистина потребно на македонското општество и политика и какви ефекти ќе донесат новите законски промени во оваа област? Ова се некои од дилемите што се актуелни во домашната јавност во период кога предлог-законот за лобирање е веќе во собраниска процедура, поточно во фаза на второ читање на дневниот ред на Законодавно-правната комисија и на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Според текстот на овој законски акт, основната цел на предложениот закон за лобирање е транспарентност на процесите на подготвување, донесување и изменување јавни политики, односно програми, закони, подзаконски или други општи акти.
Во законското образложение пишува дека целта на носењето на овој закон е поефикасна превенција на корупцијата, бидејќи една од препораките на телото за борба против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО) е токму напомената да се воведат поефективни правила за односите на пратениците со лобисти и со трети лица што настојуваат да влијаат врз законодавниот процес и да се воведат регулации со кои ќе се надгледуваат интеракциите на лицата што вршат највисоки извршни функции со лобисти и со трети страни.

Лобистите, според предлогот, би требало да се регистрираат со име и презиме за физички лица или назив на правното лице. Регистрацијата би траела една година, а ќе ја издава генералниот секретаријат на државата, со можност истата таа неограничено да се обновува.

За лобирање нема да се сметаат активности на лицата повикани да учествуваат во подготовката на објаснување и спроведување на законите и прописите, без оглед дали за тоа добиле паричен надомест или не, како и активностите на здруженијата на граѓаните, доколку ги вршат без надомест.
За потсетување, овој закон првпат бил предложен од властите во државата во текот на 2007 година, а стапил во сила наредната, 2008 година.
Во меѓувреме, познавачите на проблематиката во сублимиран заклучок објаснуваат дека, според дефиницијата, лобирање е посебен облик на придобивање влијателни поединци или групи што имаат формална или неформална моќ, а сѐ со цел овие влијателни луѓе или групи да се придобијат за да се протурка одредена најчесто политичка или економска цел.

Во Македонија свеста за лобирањето, според експертите, е на ниско ниво и затоа правилната примена на лобирачките вештини е потребна, дотолку повеќе што лобирањето најчесто се поврзува во бизнис или политички контекст.
Синиша Пекевски, политички стратег и пиар, вели дека добро е што се вршат надградби на овој закон, кој во практиката треба да постои и добро е кога сите цели на ова работење ќе се регулираат во законски рамки и на тој начин ќе се избегнат недореченостите во ова дејствување.

Според него, кај нас сите работи се злоупотребуваат во практиката, па тоа важи и за оваа област, бидејќи кога во јавноста ќе се спомене лобирање, тоа веднаш асоцира на некакво подмитување или добивање нечесна награда за извршување некоја државна активност.

– Добро е што правно се врши корекција на оваа област, бидејќи генерално лобирањето има рамки до каде може да дејствува и како може тоа да продре во дејствувањето на државата – вели Пекевски.
Тој како класични примери на нелегално и неморално лобирање во државата ги истакнува дејствувањата на компаниите што ги повикуваат новинарите на разни скапи ручеци на кои им се доделуваат „скромни“ награди и на скапите патувања на пратениците и министрите во одредени држави да посетат некакви семинари и божемски обуки за работа.

Пекевски вели дека во споредба со Европа, на Балканот е најприсутно како законско решение актот за контрола на лобирањето, бидејќи во регионот владеат вредности што не се тиични за ЕУ.

– Имено, кај нас, на Балканот, буквално се подразбира дека доколку некој од јавна професија ви даде услуга, вие би требало нему да му дадете подарок за тој чин, или со пример ако доктор ви изврши операција, се подразбира дека вие него потоа треба да го почестите со шише виски – вели Пекевски.
Според него, оттука е разбирливо зошто државите од регионот имаат законски рамки за лобирањето, а оние од ЕУ не чувствуваат потреба законски да го регулираат ова однесување или дејствување.
Во изјава за медиумите на оваа тема вонредниот професор Марјан Танушевски, кој е првиот доктор на науки чија специјалност е лобирање, вели дека феноменот лобирање има две страни.

– Од денешен аспект, законската регулатива успеа да ја мотивира академската заедница, да го стави феноменот лобирање во научна рамка, да се изучува како наставен предмет и/или модул во различен формат на повеќе високообразовни институции во државата. Но, за жал, законот не успеа да ја регулира дејноста лобирање и професијата лобист и тоа е проблем – вели Танушевски.
Во таква ситуација, додава тој, лесно се регистрираат нетранспарентни лобирања во и надвор од државата, злоупотреби на феноменот лобирање иницирани од позиција на политичка или институционална моќ, најчесто под превезот на извесни пријателства, врски, позиции и друг нетранспарентен формат што негативно влијае врз процесот на лобирање.

– Во таа смисла не е грешка ако се каже дека со лобирање може да се добие нефер предност на оние што тоа на нетранспарентен начин може да си го дозволат и тоа е спротивно на демократските процеси – појаснува Танушевски.
Според него, терминот лобирање често е составен дел на вокабуларот на јавни личности, без притоа да знаат што значи или што прават кога лобираат, звучи мотивирачки, а често и несоодветно се употребува.

– Кога се лобира, не значи дека се врши притисок или некакво влијание, туку му се овозможува некому (најчесто на оние што донесуваат одлуки) да разбере што е темата или проблемот за кој се лобира. Во Македонија свеста за лобирањето е на ниско ниво и затоа правилната примена на лобирачките вештини е неопходно потребна, дотолку повеќе што лобирањето најчесто се поврзува во бизнис или политички контекст – смета Танушевски.


Примери за негативна перцепција

Медлин Олбрајт високата политичка функција во САД подоцна ја замени со приватен бизнис на Косово

Негативната перцепција за лобирањето на високите државници на Балканот што ја има регионалната јавност, своите корени ги влече од крајот на 1990-тите години, по случувањата во соседна Србија и Косово.
Генералот што командуваше со НАТО-силите во периодот кога беше бомбардирана Србија, Весли Кларк, по неговото пензионирање раководи со термоцентрала на Косово. Покрај Весли Кларк, и поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, како што информираат локалните медиуми, работи денес на Косово преку компанијата во која има дел од сопственичкиот удел на Пошта и телекомуникации на Косово (ПТК). Натаму, белградскиот весник информира дека и британскиот премиер Тони Блер, кој исто така беше активен на меѓународно поле во 1999 година, за време на западното бомбардирање на Србија, честопати низ годините е ангажиран како советник на највисоко ниво на косовските власти. Вакви и слични примери низ светот има уште многу.


Светски искуства

Кога станува збор за терминот лобирање, голем број информации во медиумите велат дека пред повеќе од 70 години во САД се регистрирани и првите законски иницијативи за нормативно регулирање на феноменот лобирање. Тоа е времето кога во 13 американски држави се одвива процес на усогласување на законодавствата и кој како реформа завршува во 1946 година, кога и практично е донесен во светот првиот Закон за регулирање на лобирањето на федерално ниво, насловен Федерален акт за регулирање на лобирањето.

Првите измени на овој закон во Америка се случуваат половина век подоцна, во 1995 година, кога се донесува т.н. Акт за јавно или отворено лобирање, со кој Вашингтон воведува висок систем на регулација и строга евиденција, на овие односи преку задолжителна обврска за поднесување извештаи на сите лобисти професионалци што сакаат да влијаат врз членови на извршната власт или Конгресот. Во Европа, пак, мноштвото држави не поседуваат ефикасна нормативна подлога за лобирањето и нема евиденција за оваа дејност и професија. Единствено Полска и Литванија предничат со соодветни законски акти што го регулираат ова случување.


Балкански случаи

Од друга страна, интересен е фактот дека законската регулатива за лобирање е присутна речиси секаде во државите од регионот. Македонија е прва од земјите од поранешна Југославија што го донесе ова законско решение уште од 2008 година, следна е Словенија во 2010 година, потоа Црна Гора во 2012-та и Србија, чиј закон стапи во сила на 14 август годинава. Единствено Босна и Херцеговина нема ваков закон, а законското решение за процесите на лобирање и заговарање интереси во оваа земја подолго време не е изгласано во парламентот.

Во контекст на актуелните случувања, битно е да се напомене дека, судејќи според законските прописи во Словенија, може да лобираат единствено регистрирани лобисти, во Црна Гора е забрането со лобирање да се занимаваат јавни функционери и лица поврзани со нив, а сето тоа е строго казниво со закон. Во српскиот закон, кој е во сила приближно четири месеци, е посочено дека избрани, именувани лица што работат во органите на власта или се ангажирани од власта не смеат да лобираат. Од другите земји од регионот, ваков закон немаат соседните Бугарија, Грција и Албанија. Во Софија ваква иницијатива се појавила во 2002 година, но веднаш потоа била отфрлена од тамошната јавност. Во Грција лобирањето се смета за спротивно од правниот систем, а властите од Албанија, иако активно го практикуваат во дипломатијата, не донеле никогаш законска регулатива што ќе го регулира овој сегмент.

[email protected]