Андреј Иванов од Македонија (категорија до осум години), Минеа-Николае Сантимбреан од Романија (до 10 години) и Михаил Јорданов од Македонија (отворен турнир до 18 години), се победници на третиот меѓународен шаховски турнир „Квалитет 2018“, кој во организација на приватното училиште „Јахја Кемал“ и ШК Гамбит Асеко СЕЕ, се одржа во училиштето, во осум кола. Се играше со темпо за игра од 90 минути, плус 30 секунди по секој одигран потег.

Во категоријата до осум години (26 учесници, двајца од Србија), Иванов освои максимални осум поени. Втор беше Никола Петровски со седум, а трет Дончо Сеизов со шест, сите од Македонија. Во категоријата со 10 години (23 учесници, 16 од Македонија, по двајца од Србија и од Бугарија и по еден од Франција, Романија и од Албанија), победникот Сантимбреан освои 6,5 поени, колку што имаше и Србинката Анџелија Балтиќ, но со послаб дополнителен критериум. Трет е Македонецот Андреј Калин со 5,5 поени.

На опен-турнирот (56 учесници, 43 од Македонија, осум од Бугарија, двајца од Романија и по еден од Норвешка, Хрватска и од Албанија), победникот Јорданов (14) освои седум поени, пред Андреј Велјановски (14), исто така, со седум, а трета заврши Бугарката Ева Русева (14) со шест поени.

Новина на турнирот, кој помина во одлична организација, беше тоа што годинава тој првпат доби меѓународен карактер. Лани во сите три категории настапија вкупно 84 шахисти (сите од Македонија), а годинава 105 од седум држави.

Г.И.