Претседателот Стево Пендаровски денеска беше во посета на Сојузот на синдикати на Македонија.
Во своето обраќање Пендаровски нагласи дека успешната економија и развојот на земјава се тесно поврзани со регулацијата на работните односи и цврстата и одржлива работно-правна рамка за работниците.
Тој рече дека е првиот претседател кој го посетува Сојузот, оценувајќи дека тоа е срамно за државата.
– Просто не можам да верувам дека ова е посета за првпат во историјата. Од една страна, велиме дека сме во историски момент, од друга страна да кажам отворено пред камерите, тоа е срамот на државата, за сите што биле пред мене на било која позиција, ако е ова вистина, претпоставувам дека е проверен податок, да не дојдете во најстариот и најголемиот синдикат во државата, а да велите дека работите за правата на граѓаните и за народот кој живее во оваа земја едно со друго, не оди – рече Пендаровски.
Тој нагласи дека ние како држава сме доволно зрели и подготвени и легислативно и во пракса да овозможиме европски стандарди кога се работи за правата на работниците.
– И покрај високата стапка на невработеност, сведоци сме дека на пазарот на трудот има недостаток од работна рака во некои професии и занимања што се дефицитарни и ние мораме да ги заштитиме нашите работници и да им понудиме оптимални услови за да останат во својата татковина наместо да одат на работа во странство. Едноставно мораме максимално да инвестираме во човечкиот капитал – рече Пендаровски.
Претседателот истакна дека соодветно со неговите надлежности и можностите, тука е да ги сослуша сите, со цел подоцна да придонесе кон овие процеси, да ги помогне дијалогот и соработката со надлежните, да ја ислуша секоја иницијатива, секој предлог, секоја сугестија, со цел да помогне во изнаоѓање на најдобрите решенија.
– Сакам да ве уверам дека во мене имате сојузник во остварувањето на вашите цели, тоа е заштитата на работничките права. Морам да потенцирам дека покрај донесувањето на подобрена законска регулатива која ќе овозможи остварувања на правата на работниците и заштита на тие права од можни прекршувања потребно е апсолутно функционирање на законските решенија во пракса, односно да имаат доследна имплементација. Меѓутоа, сакам да ви потврдам дека без да се слушне гласот на работниците, без да се чујат нивните претставници односно синдикатите, ќе биде невозможно да изградиме праведно општество и во таа смисла ви благодарам за шансата да се видиме денеска, да се сослушаме – додаде Пендаровски.