Невообичаените температури за овој период од годината и дождовите предизвикаа големи поплави во Грција. Силни дождови ги поплавија туристичките центри во Халкидики, Кавала, Тасос и други места.
Ситуацијата е критична, а причинета е голема материјална штета и се евакуирани цели области. На Халкидики улиците се претворени во реки, кои носат возила и претставуваат опасност за луѓето, а оштетени се голем број куќи во тој регион. Во Потамија, Кавала, две куќи целосно се уништени, а семејствата се евакуирани. Многу згради и објекти се поплавени, а бурата продолжува со ист интензитет во северните региони на Грција.
Ситуацијата е драматична и во Олимпија, на Халкидики, а уништено е училиште во Неа Мармара. Ова е втора природна непогода за краток временски период во истата зона во Халкидики. Освен поплави, Грција ја погоди и земјотрес со интензитет од четири степени според Рихтер, во морето југозападно од Хидра. Засега не се регистрирани жртви и повредени.