Сложениот напад од заседа врз конвој што превезувал работници од канадска рударска компанија во Буркина Фасо отвори бројни прашања за властите и надлежните служби кои го истражуваат случајот, пренесува „Дифенс пост“. Станува збор за шестиот најсмртоносен напад во африканската држава во изминатите пет години, во кој загинаа најмалку 37, а повредени се 60 лица.
„Военото возило кое го придружувало конвојот било погодено од експлозивна направа, а веднаш потоа бил отворен оган врз два автобуси што ги превезувале работниците“ според анонимен безбедносен извор.
Владата на Буркина Фасо соопшти дека оружените напаѓачи извеле „сложен напад“, додавајќи оти безбедносните сили спроведуваат акција за помош и го пребаруваат регионот.
Пет автобуси со воена придружба биле на околу 40 километри од рудникот злато Боунгу кога биле нападнати од заседа наведува канадската компанија „Семафо“, истакнувајќи дека работи на обезбедување на работниците, како и дека активностите во рудникот се одвиваат непречено.
Засега не е јасно кој го извел последниот напад. Eдинаесет лица беа убиени минатата година во два засебни оружени напади врз конвоите што ги превезуваат работниците кон рудникот. Еден од нив се случил на истиот пат помеѓу Фада и Боунгу, каде што била поставена и последната заседа. За претходните оружени инциденти беа обвинувани терористи и бандити, по што „Семафо“ го засили обезбедувањето.
Поранешната француска колонија Буркина Фасо е една од најсиромашните светски држави, која се наоѓа во регионот Сахел. Земјата се справува со зголемен број на оружени напади во изминатите три години, кои им се припишуваат на исламските екстремисти меѓу кои е и групата ЈНИМ. Слабо опремените и недоволно обучени безбедносни сили не се во можност да се справат со заканата.