Русинката Марија Бутина која неодамна беше пуштена од американски затвор во кој помина 18 месеци откако беше осудена за шпионажа, го опиша искуството како мачење.
Таа за телевизијата Си-би-ес изјави дека во затворот „вриело од бубашваби“, а немала душек и ќебе.
-Тоа е тортура. Не е нормално еден човек да биде затворен 23 часа самиот со себе – изјави Бутина.
Таа додаде дека ѝ помогнала верата во Бог кој, како што рече, секогаш бил тука, пренесе „ТАСС“.
Бутина беше уапсена во Вашингтон на 15 јули минатата година, во пресрет на состанокот на Владимир Путин и Доналд Трамп во Хелсинки.
Таа беше обвинета за развој на односи со американски лица и инфилтрирање во организации кои имаат влијание врз американската политика заради остварување на интересите на Руската Федерација.
Американското министерство за правда утврди дека Русинката од 2015 до 2017 година работела според упатства на висок официјален претставник на руската Влада.