САД се повлекуваат од Авганистан додека соработуваат со Русија и со Кина за да најдат политичко решение за земјата. Тоа само го покажува растечкото влијание на американските ривали во обликувањето на исходот на еден од најдолгите конфликти во Азија, посочува Стратфор

САД бараат начин да излезат од Авганистан и да соработуваат со Кина и со Русија, што само го покажува растечкото влијание на овие две сили во обликувањето на исходот на најдолгиот американски конфликт. На 25 октомври, американски претставник ја посети Москва за да разговара за заживување на авганистанскиот мировен процес со руски, кинески и со пакистански претставници, а Кина месецов ќе биде домаќин на разговорите меѓу талибанците и авганистанските власти.

Политичка спогодба меѓу авганистанската влада и талибанците останува крајна цел на американската политика во Авганистан. Дури и кога ќе се постигне таа спогодба, најверојатно, ќе бидат вклучени и бунтовниците, кои ќе се приклучат кон идниот договор за поделба на власта во Кабул што, пак, ги поттикна Кина и Русија да ги зајакнат односите со талибанците и да ги ревидираат целите за борба против тероризмот во земјата. Но сè додека САД одржуваат воено присуство во Авганистан, изгледите за постигнување траен мир во земјата остануваат во рацете на Вашингтон. Сепак тоа не значи дека подобрените врски на Москва и на Пекинг со талибанците нема да бидат од корист на САД, бидејќи може да им помогнат да изградат регионален консензус за нивниот мировен процес во Авганистан, оценува американски Стратфор.

КИНА ЈА ШТИТИ ЗАПАДНАТА ГРАНИЦА

Од безбедносна перспектива, Пекинг долго време е загрижен поради можни напади на ујгурски радикални групи планирани од Авганистан, во близината на западната граница на Кина. Пекинг во изминатите две децении успешно избегна мешање во борбите во Авганистан, благодарение, пред сѐ, на американските противтерористички операции во земјата. Но ако САД се повлечат од Авганистан без да се постигне цврст мировен договор, безбедносниот вакуум ќе ја остави Кина ранлива на разни напади од џихадистички терористички групи во реонот на западната граница со Авганистан. Затоа Пекинг се залага за постепено повлекување на САД од Авганистан. Исто така, Кина промовира мир во Авганистан и учествува во мировните преговори за земјата, а месецов ќе биде и домаќин на такви разговори меѓу завојуваните страни. Како се приближува повлекувањето на САД од Авганистан, така Кина го зголемува своето воено присуство во и околу Авганистан.
Наспроти безбедносните импликации, сепак, Авганистан може да ги унапреди економските цели на Кина во рамките на иницијативата за обнова на Патот на свилата. Авганистан не е член на иницијативата, но неговата стратегиска локација може да понуди директен пристап за идните проекти од иницијативата, што би ја поврзале Кина со Иран и со Пакистан. Пекинг смета и дека Авганистан има ресурсен потенцијал, за што сведочи и една неодамнешна голема испорака на минерали од Авганистан за Кина. Но овие перспективи, како и безбедноста на Пекинг, зависат од враќањето на стабилноста во Авганистан и затоа Кина продолжува да ги поддржува мировните преговори во земјата.

РУСИЈА СЕ СПРАВУВА СО ТЕРОРИСТИТЕ

Кина не е единствениот американски ривал што сака да има удел во иднината на Авганистан. Домашните безбедносни грижи и бурната историја во Авганистан ја поттикнаа Русија да се обиде да го преземе водството во мировните преговори. Советската инвазија на Авганистан во 1979 година доведе до децениска окупација и до борба на марксистичката влада во Кабул против муџахедините поддржани од САД, Пакистан, Саудиска Арабија и Кина. Крајот на тој конфликт го отвори патот за граѓанска војна, што кулминира со подем на талибанците и со нивното освојување на Кабул во 1996 година. За време на петгодишното владеење на талибанците, Русија, Иран и Индија го поддржаа антиталибанскиот Северен сојуз и првично ја поддржаа инвазијата на САД на Авганистан за соборување на талибанците по нападите од 11 септември 2001-та. Во изминатите години, Русија го зголемува влијанието врз авганистанскиот мировен процес. Русија, како и Кина и САД, признава дека само стабилен Авганистан може да ја ублажи заканата од џихадистички терористички групи. Исто така, со воспоставувањето на стабилноста во земјата, Русија би можела да го заузда и протокот на авганистански опиум во земјата. Заради остварување на овие цели, Русија се позиционира како покровител на повеќе преговарачки рунди за Авганистан и ги подобрува односите со клучниот поддржувач на талибанците и бивш непријател од Студената војна, Пакистан. Москва го укина ембаргото за оружје против Пакистан и за заеднички вежба со земјата.

САД СЕ ЗА СПОГОДБА ПРЕД ДА СЕ ПОВЛЕЧАТ

Иако Русија и Кина сакаат да влијаат врз судбината на Авганистан со јакнење на односите со талибанците, сепак, само САД можат да им ја остварат желбата со повлекување на своите сили. Но Вашингтон може да ги искористи односите на другите суперсили за да се осигури дека примирјето ќе се почитува.
САД занаат дека стабилен Авганистан е во интерес на сите и затоа лани почнаа преговори со талибанците, кои сега се стопирани со одлука на претседателот Доналд Трамп. Талибанците изразија интерес за обнова на разговорите, но ветија и дека ќе продолжат со борбите. Континуираното насилство во Авганистан сепак не мора да значи дека Белата куќа нема да нареди повлекување на војниците од Авганистан во наредните месеци, бидејќи Трамп бара нови победи пред претседателските избори во 2020 година. НАТО потврди дека САД повлекле 2.000 војници годинава, со што нивниот број се намалил на 12.000. За споредба, Вашингтон во еден момент имаше над 100.000 војници во Авганистан. Сепак, по две децении борби, САД сметаат дека најдобар начин за враќање на стабилноста во земјата е да се постигне политичка спогодба, за што е потребно и обновување на разговорите со талибанците. Кога ќе се случи тоа, големи се шансите на преговарачка маса да седнат и другите сили, кои имаат различни интереси за решавање на еден од најдолгите конфликти во Азија.