Пјонгјанг и натаму е подготвен да преговара со САД и покрај одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за откажување на неговата најавена средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, изјави денеска првиот заменик-министер за надворешни работи на Северна Кореја, Ким Кје-гван.
– Одново ја изразуваме нашата подготвеност да седнеме со САД лице в лице и да ги решиме проблемите во секое време и во секаков формат – изјави Ким Кје-гван.
Тој нагласи дека севернокорејскиот лидер правел крајни напори да се одржи неговата средба со Трамп, оценувајќи дека одлуката на американскиот претседател за откажување на самитот „не е во согласност со желбите на светот“.
– Нашата решеност да ги вложиме сите сили во интерес на мирот и стабилноста на светот и Корејскиот Полуостров останува непоколеблива и подготвени сме да им дадеме на САД време и можности – нагласи заменик-министерот Ким.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар Мајк Помпео и јужнокорејскиот министер за надворешни работи Канг Кјунг-ва во телефонски разговор се договрија САД и Јужна Кореја да продолжат да работат на создавање соодветни услови за преговори меѓу Вашингтон и Пјонгјанг.
Трамп вчера ја откажа средбата со севернокорејскиот лидер, што требаше да се одржи на 12 јуни во Сингапур, поради „огромниот гнев и отвореното непријателство на Ким Џонг-ун во неговата неодамнешна изјава“.
– Се радував однапред дека ќе бидам таму со вас. За жал, поради огромниот гнев и отвореното непријателство прикажано во последната изјава, сметам дека е непримерно, во овој момент, да се одржи овој долго планиран состанок, му напиша Трамп во писмо на с евернокорејскиот лидер, со кое ја откажа средбата.
Сингапур изрази жалење поради откажувањето на средбата, додека Токио нагласи дека ја разбира одлуката на Трамп.
– Бесмислено е да се одржува средба која не се очекува да донесе никакви резултати, изјави шефот на јапонската дипломарија Таро Коно.
Рускиот престедатал Владимир Путин изрази жалење поради откажувањто на средбата, нагласувајќи дека се уште се наедва оти таа сепак ќе се одржи.
– Сите очекуваа таа (средба) да означи почеток на ослободување на Корејскиот Полуостров ов нуклеарното оружје. Се надеваме дека дијалогот ќе продолжи и дека средбата ќе се одржи, изјави Путин на заедничка прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон во Санкт Петербург.
Францускиот претседател од своја страна повика на продолжување на дијалогот меѓу САД и Северна Кореја, додавајќи дека сака продолжување на процесот на неширење на оружјата за масовно уништување.