ДОДЕЛЕНИ 42 НОВИ СТИПЕНДИИ

Дванаесетта година по ред фондацијата доделува стипендии на најдобрите студенти на Медицински и на Фармацевтски факултет, а годинава за прв пат има петмина првенци на генерација со просек 10,00

Фондацијата ,,Трајче Мукаетов” и годинава додели стипендии на студенти на Медицинскиот и на Фармацевтскиот факултет. Доделени се вкупно 42 стипендии на талентирани и амбициозни студенти на овие два факултети.

– Искрено ме радува прикажаниот просек на првенците годинава. За прв пат фондацијата има петмина првенци на генерација, сите со просек 10. Еден од нив веќе од идниот месец ќе ја започне својата кариера во Алкалоид – рече Живко Мукаетов.

Ректорот на скопскиот универзитет проф. д-р Никола Јанкуловски истакна дека десетти пат е присутен на доделување на овие стипендии, седум пати како декан и три пати како ректор на универзитетот.

– Медицинскиот факултет и Фармацевтскиот факултет се најдобрите и имаат една изразена соработка со „Алкалоид“ уште од формирањето. Подрршката на фондацијата е навистина значаен придонес во подобрувањето на здравствениот систем на нашата земја. Соработката меѓу „Алкалоид“ и УКИМ има нова димензија. Наградувањето од овој вид на младите таленти, многу значи и за самите нив и за универзитетот – рече ректорот.

Проф. д-р Соња Топузовска, деканката на Медицинскиот факултет рече дека ѝ е драго што 12 година по ред се доделуваат стипендии.

– Стипендиите се доделени на 20 наши студенти во трета и во четврта година. Оваа наша водечка фармацевтска компанија се обидува да ги задржи студентите да продолжат да работат во сопствената држава, што е за поздравување. Затоа сево ова е ова од исклучително значење – рече деканката.

И нејзината колешка проф. д-р Светлана Кулеванова се согласи дека ваквиот вид мотивирање на најдобрите, е многу важно.

– Стипендиите се од големо значење со оглед на тоа дека како дел од здравствениот систем, сите ние се трудиме максимално да придонесеме. Практикантството што го овоззможува „Алкалоид“ е можност која е добра за нашите студенти, зашто едно е да се работи во лабораторија на факултет, а друго е во реалноста да се види како се работи, да се стекнат пракични знаења и искуства. Се надевам дека соработката со Алкалоид ќе продолжи – истакна Кулеванова.