Албанската полиција разоткри иранска терористичка ќелија, која лани подготвувала терористички напад во Албанија, на празникот на бектешката верска заедница Султан Невруз, изјави генералниот директор на полицијата, Арди Велиу. Тој на прес-конференција ги објави и имињата на иранските терористи, чија цел била Албанија и рече дека главата на оваа ќелија е оперативецот на силите ЌУДС, познат како Пејман.
Поглаварот на бектешката заедница Хаџи Едмонд Брахамај (Баба Монди) изјави дека веста за планираниот терористички напад ја дознал во моментот кога ја одржувал церемонијата за празникот Султан Невруз, во март 2018 година. Тој додаде дека му било кажано дека биле уапсени двајца организатори на влезот на објектот, со што било спречено да влезат и да го извршат нападот. Двете уапсени лица се претставиле како новинари, Радио Слободна Европа.
Албанската опозициска Демократска партија обвинува дека веста за разбиената иранска терористичка ќелија се објавува сега, бидејќи тоа му е потребно на премиерот Еди Рама за да го сврти вниманието од неповолната одлука на Европската Унија за почнување на преговорите со Албанија.
Шефот на полицијата Арди Велиу тврди дека странско крило на Иранската револуционерна гарда управувало со „активната терористичка ќелија“, чија цел биле членови на групата Муџахедин-е-Калк во Албанија.
Во полициското соопштение се вели дека двајца ирански безбедносни функционери ја раководеле ќелијата од Техеран и дека мрежата наводно била поврзана со криминални групи во Турција, а користела бивш член на МЕК за да собира информации во Албанија.
Работата на Муџахедин-е-Калк е забранета во Иран, а групата се наоѓаше на листата на терористички организации на Стејт департментот сè до 2012 година.
Велиу исто така рече дека во март годинава бил спречен уште еден напад, кој, како што тврди, агенти на иранската влада планирале да го извршат против групата во Албанија.