Британскиот премиер ќе им понуди на тројцата лидери избор или да му помогнат неделава да постигнат нов договор за брегзит или да се согласат на „пријателска верзија“ на брегзит без договор до 31 октомври, пишува „Гардијан“
Британскиот премиер Борис Џонсон денеска ќе разговара со германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и првиот човек на Еврокомисијата, Жан Клод Јункер, што претставува уште еден обид да добие поддршка за неговиот договор за брегзит. Џонсон ќе им понуди на тројцата лидери избор или да му помогнат неделава да постигнат нов договор за брегзит или да се согласат на „пријателска верзија“ на брегзит без договор до 31 октомври, пишува „Гардијан“.
– Џонсон ќе разговара со Меркел, Макрон и Јункер да види дали може да се постигне договор за компромис околу Северна Ирска и царините. Алтернативата е да се договорат на пријателска верзија на брегзит без договор и да завршат на тој начин – изјави за „Гардијан“ висок функционер во владата во Лондон.
Шефовите на британските безбедносни служби го убедиле премиерот дека брегзит без договор ќе ја зголеми опасноста од екстремистички напади во Северна Ирска и на копното, проследени со меѓурелигиско насилство во градови, како што е Глазгов. Како резултат на тоа, според „Сандеј тајмс“, Џонсон наводно очајно барал постигнување договор за брегзит.
– Можеме да се справиме со секој од овие ризици, но, колективно земено, тие ќе бидат огромен предизвик за британската држава и никој не би избрал да оди по тој пат – истакнал Џонсон во разговорот со висок претставник на Конзервативната партија.
Претставник на Европската Унија изјавил за „Сандеј тајмс“ дека шансите за постигнување договор на самитот на Унијата в четврток се 50-50. „Гардијан“ наведува дека премиерот Џонсон во петокот одбил да потврди дали Северна Ирска ќе остане во царинската унија на ЕУ по брегзит.
Од друга страна, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, порача дека најновата рунда на преговори за брегзит не гарантира дека ќе биде постигнат договор и оти полека но сигурно истекува времето за такво нешто.
– Сепак, треба да се искористи и најмалата шанса – истакна Туск.
Тој претходно исто така порача дека му посочил на Џонсон ако не добие реално решение од Лондон, тогаш на самитот пред лидерите на ЕУ ќе соопшти дека е невозможно постигнување договор. Туск додаде дека добил позитивни сигнали од ирскиот министер Лео Варадкар дека договорот и понатаму е можен, откако во четвртокот разговарал со британскиот колега.