Фото: Маја Јаневска-Илиева

Г.г. Стефан бил замонашен во манастирот „Св. Наум“ во Охрид на 3 јули 1986 г., додека на 12 јули бил именуван за митрополит струмички, а кратко потоа именуван за владика на брегалничката епархија. На 9-10 октомври 1999 година во Охрид, на црковно-народниот собир (составен од духовни и световни членови), бил избран за поглавар на Македонската православна црква. Токму утре се навршуваат 20 години како ја извршува оваа одговорна задача

Со 20 години архиепископски стаж, г.г. Стефан е најдолго на тронот на охридски архиепископи од поновата историја на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Како петти поглавар на возобновената Охридска архиепископија во лицето на МПЦ-ОА, г.г. Стефан одбележа еден од најтурбулентните периоди за Македонската црква. Ако годините на возобновувањето беа период во кој првиот архиепископ Доситеј беше ликот што ги поставуваше темелите, сегашниот архиепископ испиша нови страници од историјата, пред сѐ настани што ја јакнеа и развиваа црквата и ги градеа нејзините институции, но и процесот што треба да доведе до конечно признавање на нејзината автокефалност. Тоа се години во кои има и добри, но и не толку добри одлуки. Години на подем, но и години на премрежиња, како што беше напуштањето на МПЦ од страна на Јован Вранишковски, поранешниот владика на МПЦ, најсериозниот обид за разнебитување на МПЦ во нејзината историја.
Г.г. Стефан бил замонашен во манастирот „Св. Наум“ во Охрид на 3 јули 1986 г., додека на 12 јули бил именуван за митрополит струмички, а кратко потоа именуван за владика на брегалничката епархија. Во наредните години работел и како декан на Богословскиот факултет во Скопје, портпарол на Светиот архијерејски синод, како главен уредник на црковниот весник „Црковен живот“ и главен секретар на архиепископот охридски и македонски.

На 9-10 октомври 1999 година во Охрид, на црковно-народниот собир (составен од духовни и световни членови), бил избран за поглавар на Македонската православна црква. Токму утре се навршуваат 20 години како ја извршува оваа одговорна задача
Архиепископот смета дека во целиот овој период од 20 години се случиле историски и важни настани, како на пример да се возобнови Светиклиментовиот манастир на Плаошник, да се преосветат соборниот храм „Света Софија“ и „Свети Наум“ во Охрид, да заблескаат во ново руво и „Бигорски“ и „Света Пречиста“, и Лесновскиот и Осоговскиот, како и манастирите во Нерези и во Слепче, Марковиот и Полошкиот, да воскресне монаштвото и во Велјуса и во Водоча и во „Бигорски“ и во „Лесновски“ и во Матка и во Зрзе, и во Варош и во Љубанци, и во Рајчица и во Марков, и во Журче и во Нерези и други наши манастири.

– Му благодарам на бога што ни даде да доживееме и што живееме период со многу настани и случувања, време преполно со многу предизвици и искушенија. Се удостоивме, во наше време, да одбележиме две илјади години на христијанството и дваесет столетија на христијанството во Македонија, илјада и седумстотини години од Миланскиот едикт, илјада години од основањето на Охридската архиепископија и педесет години од нејзиното возобновување како Македонска православна црква, како и други годишнини и јубилеи. Сите тие настани беа богоугоден и благословен повод да се говори, да се забележи и да остане како сведоштво дека било – посочи г.г. Стефан.


Од енергичен владика до тивок поглавар

Аналитичарот Бранко Ѓорѓевски оценува дека архиепископот Стефан, од владика што имал голема енергија, па дури и бил карактеризиран како поддржувач на политичка партија, станал смирен архиепископ, кој сака да го води бродот на МПЦ по едни мирни води. Тоа, според Ѓорѓевски, има доста позитивности, но прашањето го поставува во насока дали таквото раководење на црквата ќе остави длабоки траги во историјата.
Смета дека архиепископот ретко го гледаме на јавни настани, ретко има пораки за општествени проблеми, ретко се среќава со обичните граѓани, што особено треба да го смени како однесување.
– Истовремено, во неговиот мандат МПЦ доби доста нови храмови, има добра соработка со државата, што е веројатно добра компензација за неговата повлеченост и тој сигурно го пресметал тоа. Му забележувам што не се залага многу да се тргне од владиците перцепцијата дека се каста на богати луѓе што се возат во луксузни џипови, што не иницира повеќе хуманитарни акции во рамките на црквата, што не е поблизок со верниците, што некогаш не е одлучен во решавањето на некои отворени прашања туку дозволува нивно тлеење. Сѐ на сѐ, сака да го води бродот на МПЦ во мирни води, но тоа го повлекува прашањето по што ќе остане запаметен – посочува Ѓорѓевски.
Верскиот аналитичар Цане Мојановски смета дека изминатите години поглаварот на МПЦ, како лидер на оваа институција, работи на афирмација на црквата како жива црква, која во сите димензии се манифестира како жива автокефална црква.
– Прашањата што повеќе или помалку ја брануваат јавноста се резултат на новите општествени состојби поврзани со начинот на управување на сопственоста, која е надвор од рамките на духовниот живот. Тие тенденции на афирмација на верскиот живот и понатаму ќе се продлабочуваат. Можеби црквата треба да ѝ посвети повеќе внимание на јавноста и нејзиниот интерес за работата на црквата – посочува Мојановски.


Собрани словата на архиепископот

Архиепископот Стефан изминатиот викенд го промовира делото „Слова за Словото“ (1 и 2), во кое се сместени повеќе од 160 наслови на проповеди, интервјуа, поуки по разни поводи и на разни места, кое наедно е плод на тоа што изминатите 20 години е како поглавар на МПЦ-ОА и низ 33-те години како архијереј во епархиите во Македонија и дијаспората.