Американскиот државен секретар, Мајк Помпео ја заврши официјалната посета на нашата земја. Тој беше испратен од Министерот за надворешни работи Никола Димитров и заменик претседателот на Владата, Бијар Османи, на аеродромот во Охрид од каде полета за Атина.
Во попладневните часови Помпео и неговата придружба ја посетија црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, која што беше реновирана и заштитена со средства обезбедени преку амбасадорскиот фонд и од програмите на УСАИД во нашата земја.
Во изјавите за медиумите Заев и Помпео се согласија дека Македонија и САД делат заеднички заложби и вредности за безбедност, слобода и демократски просперитет и имаат иста цел во борбата против тероризмот и другите закани за мирот.
Премиерот Заев и државниот секретар Помпео имаа тат-а-тет состанок, а потоа се одржа и билатерална средба на која од страна на Владата присуствуваа претседателот на Владата Зоран Заев, заменик-претседателката во Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
На средбата се разговараше за соработката меѓу двете земји, за напредокот на Македонија во процесот за членство во ЕУ и НАТО, како и за прашањата кои се однесуваат на стабилизација и просперитет на регионот.
Помпео се сретна и со претседателот на државата, Стево Пендаровски.