Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, очекува засилена динамика на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, каде што се тежнее дел од патот на делницата од Охрид до Врбјани да биде отворен наредната година.
– Продолжи изградбата на автопатот Кичево – Охрид, очекуваме уште позасилена динамика. Рокот е јуни 2021 година, но се прават напори дел од патот да биде отворен наредната година, тоа е делницата од Охрид до Врбјани – кажа Сугарески.
Во охридскиот регион, министерот најави реализација на реконструкцијата на патниот правец од хотелот „Гранит“ до селото Пештани на патниот правец Охрид – Свети Наум, како и магистралниот патен правец Подмоље – Струга – Ќафасан, но и рехабилитација на делницата од Пештани до Свети Наум.
– Градежни работи не се само асфалтирања, во нив спаѓаат и подготвителни активности, како што во моментов се изведуваат на патот од Струга до граничниот премин Ќафасан. Понатаму ќе бидат реализирани сите активности тој пат да биде направен – рече Сугарески.