„Влијанието на климатските промени врз пчеларството“ беше темата на теоретската работилница која се одржа деновиве (30 10. 2019) во Кавадарци како крајна активност од проектот „Инкубатор за органско пчеларство – ВИТАЧ“. Овој проект се имплементира во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан која е финансирана од Европската унина, а се спроведува од програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

На работилницата која всушност претставуваше завршен настан од проектот покрај учесниците во проектот учествуваа и други заинтересирани, пред се пчелари од Кавадарци и Неготино од кои видно беше присуството на жени пчеларки. Проблемот со климатските промени го презентираше професор Д-р Хрисула Кипријановска од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.

Проблемот со климатските промени професорката Кипријановска во презентацијата го разработи на неколку нивоа во воведниот дел дефинирајќи ги поимите клима и климатски промени на глобално ниво. Таа најмногу се задржа на конкретното влијание што климатските промени го имаат во пчеларството преку влијанието врз медоносните растенија и врз причинителите на болести кај пчелите кои како живи организми и самите се жртви на климатските промени и покажуваат промени во нивните карактеристики.

– Промената на карактеристиките на медоносните растенија како што е поместување на фенофазата на цветање, нејзино скратување, промена на конзистенцијата на нектарот, појава на долги безпасни периоди, промена на морфолигијата на цветовите и времето на нивното отворање, намалувањето на производството на квалитететот на поленот, контаминирање на поленот со пестициди и така натаму се манифестира со сериозен недостаток на квалитетна храна за пчелите однсоно нектар и полен. Како резултат на климатските промени причинителите на вообичаените болести на пчелите (американска гнилеж, варооза, нозематоза, варно легло и други) со кои пчеларите се справуваат, го менуваат животниот циклус, однесување, стануваат поприсутни, поагресивни и поотпорни. Освен тоа на медоносните пчели им се заканува појава на нови причинители на болести како резултат на мигрирање на некои причинители на болести од тропските кон умерените климатски зони каде припаѓа и Македонија, па затоа одгледувачите на пчели треба да вршат засилен мониторинг и секоја невообичаена промена во нивните пчелни семејства да ја пријавуваат кај надлежните ветеринарни служби – потенцира Кипријановска.

Значаен дел од предавањето беше посветен на штетноста од употребата на пестициди при заштита на растенијата од болести и како таа се рефлектира на нервниот систем на пчелата која во многу случаи не знае да се врати во својата кошница. Оваа состојба на загрозеност се зголемува со дополнителна употреба на конвенционални средства за заштита на болести во пчеларството. Ваквиот начин на заштита во спрега со глобалното затоплување доведува до загрозување на опстанокот на пчелите и сега пчеларите имаат благородна мисија да ги зачуваат пчелите како загрозен вид инсекти.

Во мерките за ублажување на последиците од климатските промени Кипријановска предлага засадување на автохтони медоносни растенија кои цветаат во кризните (безпашни) периоди и обезбедуваат тивка паша и тоа од групата на ароматични, лековите и зачински растенија како што се: мајчина душица, оригано, лаванда, кориандер, анасон,  жалфија, рузмарин, слез, копар и други и зајакнување на имунитетот на пчелите преку користење на ЕМ пробиотици.

– Органскиот начин на одгледување на пчелите, како што потенцира и професорката, е многу логичен одговор на пчеларите во правец на обезбедување нормални услови за опстанок на пчелите. Преку низа примери професорката Кипријановска недвосмислено покажа дека најголем помор на пчели се случува токму во агро комплекси и при и интензивна хемијска заштита и ѓубрење за разлика од еколошките незагадени подрачја каде здравјето на пчелите е на многу повисоко ниво а угинувањето на пчелите незначително. Ова предавање сметам дека донесе многу нови информации кои од своја страна понудија опции за справување и ублажување на состојбите во пчеларството и земјоделитео пред се со примена на органско производство – изјави Цветанка Колева од „Биовита“, координатор на проектот „Инкубатор за органско пчеларство –
БИТАЧ“.

Ми.М.