Тања Бошковиќ ѕвезда на фестивалот „Киненова“

Најголемата дама на српското глумиште Тања Бошковиќ годинава го добива признанието за посебен придонес во светската филмска уметност, кое го доделува филмскиот фестивал „Киненова“.

– Оваа награда, секако, многу ми значи, како и сите награди, но секогаш кога ќе добијам награда мислам дека не сум ја заслужила. Кога ќе добиете признание за особен придонес, тоа честопати значи дека веќе сте ја завршиле вашата работа во кариерата, сте одиграле сѐ што е важно и сте се оствариле себеси. Со оглед на тоа што ние уметниците постојано имаме порив непрекинато да создаваме уметност, по малку ме загрижува една ваква голема награда, но секако, од друга страна, исклучително ми значи и претставува потврда на сето она што сум го работела досега – изјави Тања Бошковиќ по повод добиеното признание.

Тања Бошковиќ е истакната филмска и театарска актерка уште од времето на поранешна Југославија, а последните години му е посветена на театарот, работејќи низа театарски проекти низ цела Србија. Првата главна улога ја одиграла во 1974 година, во филмот „Кошава“. Истата година ја снима и серијата „Диви јагоди“.

Значајни улоги оствари во филмовите „Мајстори, мајстори“, „Човек со четири нозе“, „Полицаец од Петлово брдо“, „Војна во живо“, „Окупација во 26 слики“, „Балкански правила“, „Те сакам најмногу на светот“ и „Петтата пеперуга“, а на публиката ѝ е најпозната по улогата на пејачката во филмот „Балкан експрес“ и ТВ-серијата „Среќни луѓе“. Во 1970-тите била голема ѕвезда во Театар на Теразије, а од 1986 година станува членка на театарот „Ателје 212“.