Се сеќавате на виралното видео од роботско куче што се појави пред неколку години? Роботот што може да трча по угорница? Сега е достапен за избрани клиенти. „Бостон динамикс“, компанијата што го изработи кучето робот, кое го носи името „спот“, оваа недела објави видео во кое го рекламира своето лансирање. Покажува како „спот“ се движи на терен со препреки, подига градежни објекти, се движи низ лоши временски услови и самостојно се крева по пад. Видеото и страницата за лансирање на производот исто така ги покажува и другите можности на „спот“. На пример, може да трча со брзина од 1,6 метар во секунда, има камери од 360 степени што му даваат целосен опсег на видното поле, тој е водоотпорен, отпорен на прашина, може да работи во температури што се движат од минус 20 до 45 Целзиусови степени и да носи и да пренесува до 14 килограми.
За жал, „спот“ не е достапен за секого.
– Им даваме можност на избрани клиенти да го користат роботското куче на градилиштата, инсталациите за гас и електрична енергија, како и во јавната безбедност. За да се добие едно вакво куче, компаниите во тие индустрии треба да достават апликација на страницата – велат од „Бостон динамикс“ за „ЦНН бизнис“.
„Бостон динамикс“ сѐ уште немаат наведено цена за нивното робот куче, но експертите за роботика проценуваат дека може да чини колку еден нов автомобил. „Бостон динамикс“ првпат го претстави „спот“ во 2015 година, кога тој сè уште беше во развој. Тоа прво видео собра 22,7 милиони прегледи, а дополнителни видеа на „спот“ продолжија да привлекува милиони прегледи низ годините. Ова роботско куче ги освои симпатиите на социјалните медиуми кога компанијата објави видео во кое истражувачите го клоцаат кучето за да ја покажат неговата рамнотежа.
„Спот“ има и мал брат „спотмини“, кој кога стои е одделен од земјата 0,76 метри. Но за разлика од „спот“, тој може да се преврти и има роботска рака со која може да стави предмети во машина за миење садови, да отвори врата и на сопственикот да му донесе ладен пијалак од фрижидерот. „Спотмини“, исто така, е предвидено да стане комерцијално достапен во 2019 година, соопшти компанијата минатата година.
Некои од другите производи на „Бостон динамикс“, кои не се промовираат толку во јавноста и не се толку „слатки“ како „спот“ и неговиот брат, се нивните воени роботи. Користејќи ги средства од Федералната агенција за одбрана и напредни истражувачки проекти и од Американскиот марински корпус, „Бостон динамикс“ разви четириножен робот наречен „ЛС3“, кој може да следи војници и да носи тешка опрема. „ЛС3“ е робот создаден за движење на груб терен и да носи 180 килограми опрема на себе. Во еден тест на рамен терен „ЛС3“ успеал да носи нешто повеќе од 500 кг товар. Тој е дизајниран да патува 32 километри без дополнување гориво. Тој има сензори што му овозможуваат да го следи човечкиот лидер, притоа да избегнува пречки на теренот.
Другиот робот на „Бостон динамикс“ е „сенд фли“, финансиран од армијата на САД, кој може да скокне навистина високо и е дизајниран за извидување. Овој робот има мала големина и тежи 5 килограми. Тој нормално се движи како мала играчка автомобил, но кога има потреба може да скокне 9 метри во воздух. Системот за стабилизација го држи ориентиран за време на скокот за да го подобри и да го контролира своето слетување. Тековниот развој на „сенд фли“ е финансиран од Американската сила за брзо опремување. За жал, не се предвидува овие роботи комерцијално да се употребуваат и нивната намена ќе остане за воени цели во армијата.