Велика Британија верува дека Иран е одговорен за нападите врз саудиските нафтени постројки и ќе работи со американските и европските сојузници на заеднички одговор, изјави денеска британскиот премиер Борис Џонсон.
– Со многу висок степен на веројатност, Велика Британија му припишува одговорност на Иран за нападите врз „Арамко“ – им рече Џонсон на новинарите за време на летот за Њујорк каде што ќе присуствува на Генералното собрание на ООН.
На прашањето дали Велика Британија ќе ја отфрли можноста за воена акција, Џонсон одговори дека неговата земја внимателно ќе ги следи американските предлози за да направат повеќе за одбрана на Саудиска Арабија.
– Велика Британија ќе соработува со американски и европски пријатели на одговор кој ќе биде насочен кон деескалирање на тензиите во Заливот – рече Џонсон.
Џонсон рече дека ќе разговара за иранските активности во регионот со иранскиот претседател Хасан Рохани во Њујорк.
Соединетите Држави и Саудиска Арабија, исто така, го сметаат Иран за одговорен за нападите на 14 септември, за кои одговорноста ја презеде бунтовничкото движењето на Хутите.