Граѓаните се засегнати со низа проблеми од урбаното живеење Фото: Игор Бансколиев

Загрижуваат искажувањата на оние граѓани што навистина се на мака, а чекаат со недели, па и месеци за да влезат во градоначалничкиот кабинет на својот општински татко. Овие скопјани го докажуваат тоа со своето архивско бројче и велат дека и покрај тоа што писмено образложиле надолго и нашироко зошто сакаат да се сретнат со својот градоначалник, и своето барање уредно го архивирале, и натаму чекаат ли чекаат

Имаат ли скопските градоначалници доволно време да им посветат на граѓаните, да ги чујат нивните проблеми врзани за урбаното живеење или, пак, се сосема недостапни за нив и немаат слух. Како и за многу други работи и на оваа тема мислењата на граѓаните се поделени, а ставовите на градоначалниците речиси еднакви – дека наоѓаат време за средби со своите сограѓани. Се разбира некои повеќе некои помалку издвојуваат од расположливото слободно време надвор од нивната градоначалничка дневна агенда, а некои имаат приемни денови во неделата кога исклучиво разговараат за проблемите со граѓаните.

Загрижуваат, секако, искажувањата на оние граѓани што навистина се на мака, а чекаат со недели, па и месеци за да влезат во градоначалничкиот кабинет на својот општински татко. Овие скопјани го докажуваат тоа со своето архивско бројче и велат дека и покрај тоа што писмено образложиле надолго и нашироко зошто сакаат да се сретнат со својот градоначалник, и своето барање уредно го архивирале, и натаму чекаат ли чекаат. На некои навистина им гори под нозе, бидејќи имаат горлив проблем, па поради тоа се лути и револтирани бидејќи оние за кои го дале својот глас сега им вртат грб и немаат време за нив и за нивните проблеми. Некои, пак, за разлика од нив веднаш ги примаат луѓето на разговор во пауза помеѓу два состанока и слично. Повеќето градоначалници и преку општинските веб-страници комуницираат со граѓаните и им одговараат на поставените прашања. За жал, некои од веб-страниците воопшто и не функционираат, како на пример онаа на општината Шуто Оризари. Но граѓаните сметаат дека ако парламентарците редовно имаат приемни денови и време за средби со граѓани, зошто ваква практика да немаат нивните градоначалници, кои се токму на тие места за да ги решаваат нивните проблеми.

– Се среќавам со граѓани и кога имам приемни денови, а примам граѓани и во зависност од итноста на проблемот и во зависност од моментот кога сум слободен. Некои од граѓаните го имаат мојот телефонски број, па ми пишуваат пораки или ми се јавуваат за некаков проблем и се обидуваме заеднички да го решиме. Некои ми пишуваат писмено некои ми праќаат мејлови на општинската веб-страница. Сакам да сум коректен кон граѓаните докрај, но тешко е да се сретнете со сите. Кога имам можност ги примам и на пет минути да ми го образложат проблемот. Јас сум долго време во изборниот процес и скоро сите идеи од граѓаните, кои сум ги слушнал, ги имам ставено во мојата изборна програма. Сме решавале заеднички многу проблеми за улици, осветлување, детски игралишта и јас сум задоволен од кохабитацијата со граѓаните. Но секогаш треба повеќе време да се издвојува за нив и пожелно е да се среќаваме што повеќе – смета Блерим Беџети, градоначалник на општината Сарај.

Неговиот колега од општината Центар, Саша Богдановиќ, вели дека секој ден се среќава со по педесетина граѓани. Само се пријавуваат кај портирот и чекаат да ги прими во текот на денот. Тој вели дека одговара и на прашањата на неговата официјална страница, како и на прашањата поставени на општинската веб-страница. Од почетокот на својот мандат граѓани и приватно го контактираат, а многу често се случува ако некој чека да го прими на пет до десет минути, колку што има до следниот ангажман од дневната агенда. Од среда ќе има редовни средби, тоа ќе биде ден резервиран за граѓаните.

– Во салата на советот ќе ги примам сите граѓани што барале прием преку веб-страницата или, пак, се најавиле на контакт-телефонот. Нивните барања ќе бидат сортирани во зависност од тоа дали станува збор за комунални проблеми или за некој друг вид. Начинот и динамиката на прием ќе бидат утврдени и официјално објавени на општинската веб-страница. Граѓаните само треба да пополнат пријавен лист. Покрај тоа што им одговарам на сајтот „Прашај го градоначалникот“, им одговарам веднаш за секој решен проблем како на пример со фотографија и текст за канделабра или закрпена дупка на улица. Имаше странка што со месеци чекала за легализација и се пожали, па веднаш според архивското бројче реагиравме и го решиме случајот откако ја исправивме грешката што настанала. Странката потоа си доби решение за легализација. Ги запишувам сите сугестии од граѓаните и доколку е невозможно сега да се решат ги вметнуваме во програмата за идната година. Се трудам колку што можам и се сметам за флексибилен градоначалник кога е во прашање издвојувањето време за граѓаните – вели Богдановиќ.


Шилегов: Ова е време на отворени и транспарентни општини и градови

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, смета дека ова е време на отворени и транспарентни општини и градови, и целта е градот Скопје да функционира преку отворена и транспарентна администрација и да биде сервис на граѓаните.

– Градот Скопје мора да биде сервис за потребите на граѓаните и тие да добиваат брза и квалитетна услуга. Во тој контекст, секогаш сум отворен за средби со граѓаните, а доколку не сум во можност поради динамиката на работната агенда, кабинетот е организиран на тој начин што има задолжено лица што остваруваат средби со граѓаните. Во согласност со интерните процедури, граѓаните што бараат средба претходно треба да се најават во граѓанскиот информативен центар на телефонот 3297 255, со најава на темата за која сакаат да се сретнат со градоначалникот. Средбите со граѓаните се одржуваат редовно и во рамките на можностите и надлежностите на градот се излегува во пресрет на нивните барања. Исто така, градот Скопје е секогаш отворен за идеи и предлози од граѓаните при креирањето на градските политики.

Секој граѓанин што има одржлива идеја за решавање конкретни градски проблеми или конкретен предлог за подобрување на градските политики секогаш може да дојде и со мене во мојот кабинет да ги сподели тие идеи или предлози, да ги разгледаме заедно, колку се тие применливи и колку можат да придонесат за подобрување на условите во нашето Скопје – вели градоначалникот Петре Шилегов