Лажната најава за нов силен земјотрес предизвика паника на улиците на главниот град на Албанија, Тирана и на Драч. Веста што ја објавија неколку портали, потоа брзо се прошири. Тоа предизвика паника кај стотици граѓани кои ги напуштија домовите и останаа на улиците во очекување на земјотресот.
Владата реагираше со соопштение дека се работи за лажна вест.
– Пред неколку минути се појави лажна вест која предизвикува паника во Тирана дека следува силен земјотрес, многу посилен од оној од 5,8 степени. Апелираме до сите граѓани да не веруваат во оваа вест. Лажна е. Никој не може да предвиди земјотрес. Ова е кривично дело – се вели во реакцијата на Министерството за одбрана.
Викендов Тирана и Драч беа погодени од серија земјотреси од кој најсилниот беше од 5,8 степени. Албанскиот институт за геолошки науки, енергија, вода и животна средина соопшти дека повеќе од 340 последователни земјотреси се регистрирани по земјотресот со интензитет од 5,8 степени што го погоди Драч во саботата.
Повредени се 105 луѓе, а 600 домови, претежно изградени пред 1990 година, претрпеа штета во земјотресот, кој го прекина и снабдувањето со вода и електрична енергија во Тирана, Драч и некои западни и централни делови.
Албанскиот премиер, Еди Рама поради земјотресите ја откажа посетата во Њујорк на состанокот на Генералното собрание на Обединетите Нации. Тој кажа дека добил повици од колеги од Италија, Франција, Германија и други европски земји кои му ја понудиле својата помош.
Комесарот за проширување на Унијата, Јоханес Хан, кој е во заминување од функцијата, на неговиот профил на „Твитер“, соопшти дека Унијата понудила помош.На владина седница одлучено е полицијата да биде во состојба на зголемена готовност за да ја контролира ситуацијата по земјотресите кои најмногу беа почувствувани во Тирана и Драч.