Романот „Како станав Амадеус“ е најново дело на македонскиот писател Трајче Кацаров. Станува збор за краток роман, во кој авторот не го напушта веќе утврдениот дискурс, односно не се одвојува од принципите што го прават препознатлив раскажувач уште од првите реченици. И оваа творба на Кацаров е полна со хумор, а факт е дека има мал број дела со хумористична и комична содржина од наши автори.
Опфатени се 1980-тите години, а дејството се случува во воена касарна во еден од градовите на бившата СФРЈ. Темата е војникувањето на раскажувачот, чија цел е да стане жител на соништата, во кои право на граѓанство имаат личности како Волфганг Амадеус Моцарт, Гете, Ван Гог и слични на нив. Секој војник претставува културен додаток во воениот праксис. Со тоа Кацаров успева преку малиот човек, оној што претставува само бројка во купот топовско месо, да даде своевидна слика на општествениот живот организиран од тогашниот режим. Романот беше претставена во Градската библиотека во Прилеп, а наскоро ќе има промоции и во други градови во земјава.