Вo демирхисарското село Слоештица, во отвореното студио на интернационалната уметничка резиденција „Арт поинт Гумно“, која годинава се реализира на тема „Природата предупредува: Будни ли сте?!“, денеска ќе се слават уметноста и природата. Преку уметноста, пораки за заштита на природата и планетата Земја ќе испратат уметниците: Иштван Ерос од Унгарија, Дик Робертс од САД, Сашо Н. Алушевски од Македонија, Џесика Флеминг од Германија и Естер Шабак од Словачка. Освен на отворено, изложбата ќе биде поставена и во галеријата на гумното, која е единствена од таков вид на Балканот.
– Инспирирани од исклучителното природно богатство на горнодемирхисарските планини, кои, за жал, не се поштедени од глобалните климатски промени, уметниците, преку своите дела, протестираат и провоцираат во име на природата. Со овие активности се приклучуваме на „Глобалната недела на акција за климатските промени: 20 – 27 септември 2019“, посочуваат од „Арт поинт Гумно“ и информираат дека посетителите на отвореното студио денеска од 12 до 20 часот ќе имаат можност и лично да се запознаат со уметниците.