Активистката за борба против климатските промени, Грета Тунберг, им порача на политичарите дека не прават доволно за спас на планетата.
-Знам дека се обидувате, но тоа не е доволно. Жалам – рече таа.
Тунберг ѝ порача на работната група за климатски промени во Сенатот во Вашингтон да си ги „зачуваат пофалбите за себеси“.
-Не нѐ викајте тука само за да ни кажете колку сме инспиративни, без притоа да направите нешто – порача младата активистка за борба против климатските промени.
Шеснаесетгодишната активистка е една од неколкуте млади активисти од целиот свет, која беше поканета да присуствува во дводневна дискусија на работната група во Вашингтон.
Целта на младите активисти е да поттикнат поддршка од американските пратеници за итна акција против климатските промени, за што Тунберг и останатите спроведоа кампања.