Поранешниот пратеник од Нова содицијалдемократска партија (НСДП) Љубомир Јосифовски упаднал во компјутерскиот систем на Централниот регистар со што ја оштетил институцијата за 35 милиони денари.
Поранешниот пратеник синоќа бил приведен во полициската станица „Центар“, а екипи на МВР направиле претрес во станот во Скопје, каде што под кирија престојувал Јосифовски и од каде што ги правел нарачките.
По обезбедувањето на материјалните докази пратеникот бил пуштен на слобода. Против него ќе биде поднесена кривична пријава за делото „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Јосифовски 30 пати неовластено влегол во компјутерскиот систем на Централниот регистар во периодот од јануари до крајот на август.
Јосифовски беше пратеник од редовите на НСДП во Собранието во периодот од 2014 – 2016 година. Минатата година Јосифовски се кандидираше за претседател на НСДП, но на седница на Централниот одбор на партијата беше одлучено Тито Петковски да биде единствен кандидат.