Фото: Игор Бансколиев

Жителите на сите поголеми градови низ Западен Балкан се соочуваат со алармантни нивоа на воздушно загадување, кои им го намалуваат животниот век, бидејќи неразвиената и политички кревка област сѐ уште во голема мера е зависна од согорување јаглен за производство на енергија

Подготвила:
Валбурга Батева Николоска

Државите од Западен Балкан во 2018 година имаа најзагаден воздух во Европа, покажале глобалните анализи на организациите „Ер вижуал“ и „Гринпис“, според кои Босна и Херцеговина е најзагадена европска држава, на второ место е Македонија, трето е Косово, а потоа следуваат Бугарија и Србија. Регионалните медиуми, пак, оценуваат дека ситуацијата не е подобра ниту годинава.

Имено, српскиот магазин „Блиц“, повикувајќи се на јунскиот извештај на експертите од ООН, пишува дека жителите на сите поголеми градови низ Западен Балкан се соочуваат со алармантни нивоа на воздушно загадување, кои им го намалуваат животниот век, бидејќи неразвиената и политички кревка област сѐ уште во голема мера е зависна од согорување јаглен за производство на енергија. И во овој извештај како држави со најнечист воздух се споменуваат БиХ, Србија, Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово.

– Вкупно 15 електроцентрали на јаглен, од кои некои одамна застарени, секојдневно исфрлаат во воздухот на Западен Балкан значителни количества сулфур диоксид, азот оксид и други честички – се наведува во овој извештај.
Исто така се истакнува дека дури 88 проценти од зградите во регионот (7,3 милиони) имаат децентрализирани системи за греење и не ја користат енергијата ефикасно.
Коментирајќи го овој поразителен извештај, Денис Жишко од тузланскиот центар за екологија и енергија, во интервју за „Слободна Европа“ даде свој опис на причините за толкавото загадување на Балканот.

– По пат на анализа се докажа дека, од сите енергетски извори произведени од човечка рака, согорениот јаглен најмногу придонесува за емисии на сулфур диоксид. А што се однесува до ситуацијата на Балканот, ние многу добро знаеме (тоа беше утврдено и во претходните студии) дека во целиот регион основен проблем е непостоењето на инсталирана опрема за десулфуризација – вели Жишко.

Тој истакна дека речиси сите термоцентрали во Европа имаат инсталирано ваква опрема, па затоа на листата на најзагадени држави, освен Бугарија, нема ниту една друга земја-членка на ЕУ. Наведувајќи конкретни примери од Босна и Херцеговина, Жишко рече дека тамошното електростопанство уште пред десет години правело подготовки и ги анализирало трошоците за инсталирање заштитна опрема, утврдувајќи дека постојат можности за таков проект.

– Тие едноставно не сакаат да го направат тоа, па затоа постојано ја одложуваат реализацијата. Причината е јасна: би морале да се откажат од дел од профитот заради инсталација на заштитните филтри. А тоа значи дека е поевтино да го труете народот отколку да ја набавите опремата. Нема потреба да бараме оправдување во законските регулативи – констатира експертот.