Имаме можности за развој на алтернативни видови туризам, но треба да создаваме кадар, а тоа директно влијае врз локалниот економски развој. Недостигаат туроператори што ќе ја нудат Македонија како неистражено туристичко богатство, но и туристички водичи за секаков тип алтернативен туризам
Македонија има богата понуда за развој на алтернативните форми на туризам, но тие остануваат во сенка на обидите за развивање на масовниот туризам. Новите форми на туризам земаат замав низ светот, бидејќи луѓето сакаат да патуваат на нови локации и да видат нешто различно од вообичаената понуда на вода и плажа. Што ѝ недостига на земјава за развој на алтернативните форми на туризам и како до повеќе посетители во другите региони низ Македонија?
– Ние имаме идеални услови за развивање на алтернативните форми на туризам и сѐ повеќе светски практики велат дека во текот на годината се патува 3-4 пати и се бараат нови искуства и нови дестинации. Младите сакаат различни понуди, а притоа сакаат да плаќаат преку мобилен, па затоа треба да се приспособиме на нивните барања. Треба да ги подобриме нашите промотивни алатки, да ги подобриме интернет-пристапите и информациите, но и да ги ставиме под капа сите портали и електронски продавници што нудат сместување – вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Според него, во Македонија има идеални услови за развој на руралниот туризам и на сегментот еко-туризам, кој е светски тренд.
– Имаме можности за развој на ваков вид туризам, но треба да создаваме кадар, а тоа директно влијае врз локалниот економски развој. Недостигаат туроператори што ќе ја нудат Македонија како неистражено туристичко богатство, но и туристички водичи за секаков тип алтернативен туризам. Сето ова треба да се работи во соработка со локалното население, бидејќи тие треба да го реализираат. Недостиг од развој на алтернативните форми на туризам е недостигот на стратегија. Ако не знаеме со што располагаме, како ќе знаеме каде да инвестираме – прашува Јаневски.
Упатените велат дека со развој на еко-туризмот ќе се забави миграцијата, бидејќи се отвораат нови работни места. Според најавите на Светската туристичка организација, Балканот ќе биде една од најбараните туристички дестинации во светот во следниве години. Туризмот е област што директно и индиректно влијае врз 20 економски гранки и претставува основа за локален економски развој. Позитивен пример за развој на туризмот во Македонија е Крушево, каде што наплатата на туристичката такса е зголемена за 50 отсто. Градот се промовира како атрактивна туристичка дестинација во текот на целата година и затоа има значителен пораст на туристите.
– Решението не е само да се донесе детален урбанистички план за инвеститори да градат покрај брег, туку треба стратегија што ќе покаже како ќе се развива туризмот. Да се знае кои форми на туризам ќе се развиваат и какви капацитети се потребни. Имаме доволно капацитети, но тие треба да се реновираат. Успешен пример за развој на алтернативен туризам е и Куратица, таму има многу некатегоризирани објекти и луѓе што работат типичен еко-туризам, но не се свесни дека го прават тоа. Имаат холандски, австриски и германски туристи, кои доаѓаат за водење магариња, за Денот на копривата, за органски печурки. Ние треба да создадеме услови сместувачките капацитети да се категоризираат, а со тоа и тие да добиваат субвенции за туристите и тоа да стане уште помасовно – додава Јаневски.
Тој исто така ги посочи и туристите што патуваат во своја режија, кои сами одлучуваат на самото место каде ќе се сместат, истакнувајќи дека стануваат сѐ помасовни, но дека со добра промоција можат да се привлечат да ја посетуваат нашата земја.
Туризмологот Зоран Николовски додава дека пораст на туристите е забележан во сите форми на туризам, не само кај класичниот туку и кај алтернативниот, како и кај бизнис-посетите, а според него порастот ќе продолжи и во следните години.
– За да продолжи порастот на туристите, треба подобрување и на јавната свест не само кај инволвираните туку кај сите граѓани, но и нова стратегија за понатамошен развој на туризмот – вели Николовски.