На неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ денеска и утре во Хелсинки ќе разговараат за повеќе прашања, како на пример хибридните закани, за Блискиот Исток, Иран, но и за регионалната соработка на Западен Балкан. На состанокот учествува и министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров.
Шефовите на дипломатиите на ЕУ и нејзините партнери од Западен Балкан (Македонија, Србија, Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора) утре ќе ја разгледуваат ситуацијата во регионот која е комплицирана, посебно поради таксите што Косово ги воведе на производите од Србија и БиХ, како и неформирањето Влада во БиХ десет месеци по изборите.
Собирот на шефовите на дипломатиите на ЕУ почнува денеска со ручек заедно со министрите за одбрана на Унијата, а главна тема ќе бидат хибридните закани – јакнење на отпорноста и подигнување на свеста за хибридните закани. Потоа министрите за надворешни работи подетално ќе ја разгледаат ситуацијата на Блискиот Исток и нуклеарниот договор со Иран.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, би можела вечерва или утре да „ја искористи можноста“ да ги стави на дневен ред „најрелевантните прашања“ во овој момент, како што е ситуацијата во Хонгконг или пожарите во Амазонија.