Изјавите, мислите, размислувањата, текстовите, претставите на Брехт повеќепати биле инспирација за изданијата на фестивалот за современи уметности „Акто“. Мотото годинава е Брехтовиот афоризам „Прво леб, па морал“, со кој се изедначуваат повеќе општествено-политички и културни случки и настани од изминатиов период. Фестивалот, кој беше отворен синоќа, ќе трае до сабота.
– Во ова конкретно замислено, не докрај осмислено, но со полна пареа капиталистичко општество, стомакот најверојатно е главниот императив. Тој сè уште е празен кај оние што искрено и посветено го водат својот живот, но расте кај оние на кои никогаш не им е доста. Стомакот стана доминантна етичка константа па единствена „забава“ е само занимацијата на расплеткувањето каков е и колкав е интересот во заднината – велат кураторите Ивана Васева и Филип Јовановски.
Ова е 18-то издание на фестивалот, а во програмата учествуваат реномирани регионални и европски автори, како и неколку визуелни уметници/автори од земјава, кои преку своите проекти ќе понудат отворена платформа за размена на мислења, но и со директно соочување со она што нѐ мачи денес – борбата помеѓу апетитот и етиката. Свои претставувања ќе имаат уметниците: Тања Остојиќ, Синиша Лабровиќ, Персефони Мирцу, Иван Дургутовски. Премиерно ќе се одигра претставата „Приказна за окото“ според текст на Жорж Батај, во режија на Мартин Кочовски. Годинава се отвора и темата „Каква уметничка галерија ни треба?“ (во Битола), за да се зборува за потребите на локалната заедница од галериски простор.