Доколку сте расположени за еден нетипично лежерен тарантиновски филм, тогаш неговиот деветти и, како што тој самиот љуби да посочи, негов претпоследен филм, „Си беше еднаш во Холивуд“, е токму тоа што ви треба.

Квентин Тарантино отсекогаш бил уникатен со она што го создавал, особено во времето во кое создавал, па тоа е така и со овој филм. Во време кога сѐ повеќе стануваме навикнати на бурни акции, тешки тематики, силни симболики и интензивни чувства како карактеристика на добри филмови, Тарантино создава нешто што се разликува од сѐ што имаме можност да погледнеме во киносалите, токму онаа лежерност, толку добро режирана и снимена, во која знаеме од самиот почеток дека ќе уживаме, затоа што станува збор за Тарантино, сосема независно од тоа дали сте негови обожаватели или не.

Земајќи го предвид фактот дека во последно време сѐ помалку имаме шанса да ги видиме големите актерски имиња на филмско платно и сѐ повеќе шанси добиваат нови лица, Леонардо ди Каприо и Бред Пит носат една поинаква и неочекувана свежина, токму поради тоа што се едни од најпознатите и најдокажани актери во последните две децении. Овој факт на некој начин дури и кореспондира со тематиката на филмот.
Иако во прв момент начинот на кој се одвива дејството во филмот лесно може да нѐ наведе да мислиме дека во фокусот ќе бидат поставени убиствата на Менсон, сепак тоа не е така. Станува збор за една релаксирано раскажана приказна за двајца мажи, актер и негов каскадер, кои се соочуваат со постепеното избледување на нивната релевантност во филмскиот свет.

Леонардо ја игра улогата на телевизискиот актер Рик Далтон, познат по своите улоги во вестерн-филмови и ТВ-серии и чии соседи се Роман Полански и Шерон Тејт, додека, пак, Бред Пит ја толкува улогата на неговиот долгогодишен каскадер Клиф Бут. Двајцата ликови постепено ја согледуваат реалноста на Холивуд и менувањето на трендовите во филмската индустрија, сфаќајќи дека улогите на кои се навикнати да ги играат повеќе не им носат слава. Соочени со ситуацијата, Рик е принуден да си ја „проба среќата“ со италијански шпагети вестерн-филмови, а Клиф да се снаоѓа со своето слободно време.

„Си беше еднаш во Холивуд“ е дефинитивно еден од најбавните филмови на Тарантино, драстично различни од неговите преостанати, кои совршено ги пресликуваат 1960-тите во Холивуд. Филмот зрачи со шарм на „стар филм“ и претставува омаж на вестерн-филмовите со кои Тарантино израснал.

Но сето ова носи и еден вид последици со себе. Филмот на моменти дејствува како интерна шега помеѓу режисерите од тоа време и може да дејствува збунувачки за делот од публиката што немал можност да се информира детално за животот на тогашните холивудски ѕвезди. Но и не само тоа, филмот исто така може да ја збуни публиката со тоа што на неколку наврати гради лажно чувство на тензија и исчекување, оставајќи ја публиката со чувство на издишан балон. Овој филм на Тарантино дефинитивно не носи акција и возбуда како неговите преостанати филмови, а публиката треба да знае како да се помири со тоа.

Дополнително на сето ова, улогата на Шерон Тејт, која ја толкува Марго Роби е делумно разочарување. Нејзиниот лик не оди далеку во овој филм, не созрева и ништо не му се случува, па останува да се запрашаме која беше вистинската причина за нејзиното постоење во оваа приказна. Дали станува збор за голема претпазливост кај Тарантино, со оглед на тоа дека е реална личност што трагично го изгуби својот живот како жртва на Чарлс Менсон? Или, пак, е употребена како симбол за случувањата во тоа време?

„Си беше еднаш во Холивуд“ е далеку од совршен филм и е можеби едно од послабите остварувања на Квентин Тарантино, но талентот на Тарантино и неговата вљубеност во филмот сѐ уште се јасно присутни, режијата е одлична, камерата феноменална, кадрите воодушевувачки, кастингот совршен! И во овој филм публиката може да го препознае типичниот тарантиновски шарм преку хуморот, слободното скокање низ временската рамка, одличниот начин да се прикаже како се снима филм во филм и неизбежните крвави пресметки. Оние што го сакаат манирот на Тарантино особено ќе уживаат во последната сцена!

Иако не е филм што би сакале да го гледате одново и одново, „Си беше еднаш во Холивуд“ е дефинитивно филм што треба да се изгледа барем еднаш. Потребен беше филм што може да ја опушти публиката и да направи да се чувствува како дел од тоа време, дел од тоа место, дел од секојдневниот живот на холивудските ѕвезди, кои зад затворени врати се однесуваат, разговараат и се смеат како најобични луѓе!