Премиерата на „Медена земја“ е круна на македонската програма што беше прикажана во текот на годинашното издание на „Македокс“ и во чии рамки беа прикажани уште девет македонски филма, рекоа организаторите
Со македонска премиера на извонредниот „Медена земја“, која ја остави публиката без здив, и со концерт на „Фолтин“, во „Куршумли-ан“ се затвори 10-то издание на фестивалот на документарен филм „Македокс“.
– Премиерата на „Медена земја“ е круна на македонската програма што беше прикажана во текот на годинашното издание на „Македокс“ и во чии рамки беа прикажани уште девет македонски филма. Особено радува фактот што Друштвото на филмски работници на Македонија ден претходно донесе одлука „Медена земја“ да биде национален кандидат за „оскар“ во категоријата најдобар странски филм, а дополнително филмот влезе во трка и за уште една престижна награда – за најдобар документарец на „Европските филмски награди“, кои ги доделува Европската филмска академија. По светската премиера во јануари на „Санденс“, каде што ги освои трите главни награди, филмот со фантастичен успех е прикажан и на повеќе светски фестивали, а публиката со нетрпение го очекува и во македонските киносали – рекоа организаторите на затворањето.
Вечерта беа доделени и наградите во пет категории. Наградата „кромид“ за најдобар филм во главната програма ја доби филмот „Соло“ (Чешка, Франција, Аргентина, Австрија) на Артемио Бенки.
– Овој филм, предводен од еден лик, успева да пренесе повеќеслоен свет на филмското платно. Преку необичниот пристап и хипнотизирачкиот стил, филмскиот творец ни ги открива маките на протагонистот. „Соло“ е смел и интимен портрет на еден надарен музичар, кој се обидува да воведе ред во својот живот и претставува чувствителна филмска приказна за луѓето што ги обележуваме како „луди“ – рече жирито.
Специјално признание во оваа категорија доби документарецот „Град на мртовци“ (Шпанија) на режисерот Мигел Ек, кој ги прикажува различните лица на смртта преку група обични луѓе. Внимателно конструираната приказна и прецизната кинематографија на филмот умешно нудат едно алтернативно гледиште на т.н. „херој на мисија“ – наратив што е присутен во многу современи документарци. Наградата „млад кромид“ за најдобар филм на нов автор ја добија два филма – „Медена земја“ (Македонија) на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска (награден за убавината и силата на сликите, срдечноста при набљудувањето на непознатата и сурова реалност и поезијата во визуелниот пристап) и „Боговите на Моленбек“ (Финска, Белгија, Германија) на Рета Хухтанен. Наградата е доделена поради остроумноста во снимателскиот избор, начинот на кој филмот ни дозволува да ги согледаме големите проблеми во современа Европа низ детските очи, без трошка иронија или лажна дистанца.
Наградата „сечкан кромид“ за најдобар краток филм му е доделена на „Нашата песна за војната“ (Белгија, Колумбија) на Хуаните Родригез Онзага – неповторливо филмско искуство во кое животот и смртта се среќаваат во еден волшебен миг на помирување. Наградата „кокарче“ за најдобар студентски филм ја доби „Ѕверот – воз со непознати“ (Германија) на Мануел Инакер.
– Ова не е уште еден обичен филм за миграција. Ова е силен филмски указ што прикажува длабока општествена и политичка посветеност, со искрена почит кон протагонистите – млади луѓе со голема надеж – рече жирито.
Специјално признание за филм од студентската програма доби „Слушај, брат!“ (Русија) на Александар Елкан. Формата на овој филм восхитувачки ја отелотворува содржината на приказната. Режисерот ѝ го прикажува сопственото огромно искуство на публиката, зграпчувајќи нѐ со ритам и енергија. Награда за филм со најдобри етички идеи, пак, освои „Боговите на Моленбек“.
– Размислувајќи за етичките идеи во филмовите, сакавме да ја земеме предвид врската меѓу творецот на филмот и протагонистите. Во филмот „Боговите на Моленбек“ децата никогаш не беа безобѕирно следени или набљудувани од камерата. Сѐ е снимено од нивното лично гледиште – технички преку задржување на камерата на нивото на очите на децата и емоционално преку нивелирање на приоритетите на самите деца во филмот. Младите протагонисти од различно културно милје можеа слободно да си играат и да се тркалаат додека, во исто време, меѓусебно си ги истражуваа филозофиите и верувањата без предрасуди. А ние имавме можност да ги споделиме нивните младешки оптимизам и отвореност – образложи жирито.