Најинтересната промена во однесувањето на Ал каеда по смртта на Осама бин Ладен е тоа што организацијата повеќе не е „опседната“ од желбата да го напаѓа Западот. Последиците од разделбата помеѓу Исламска држава (ИСИЛ) и Ал каеда доведоа до нивен меѓусебен натпревар, во кој и двете страни сметаат дека успехот на едните значи пораз за другите
Сириското раководство на Ал каеда призна дека организацијата е неспоредливо поуспешна кога се фокусира на локални прашања, одошто кога се занимава со безлична и контроверзна борба со Западот. Се чини дека овие тензии се барем делумно одговорни за постојаното „кршење“ и неслога во редовите на сириската Ал каеда, како и за нејзините многубројни некоординирани разграноци. Расправиите за тоа дали да се дејствува локално или да се фокусираат на спектакуларни и немилосрдни напади врз западните држави може да резултираат со создавање траен расцеп во рамките на глобалното џихадистичко движење.
Зошто ИСИЛ и Ал каеда се однесуваат спротивно?
Со оглед на фактот дека во движењето веќе постојат раздор и поделба помеѓу Ал каеда и Исламска држава (ИСИЛ), овој проблем, сличен на обидот за воспоставување на калифатот, дефинитивно претставува суштинско јадро на идеолошкиот спор, за кој тешко ќе се најде решение во скорашна иднина.
Како одговор на сите настојувања за умереност од страна на Ал каеда, ИСИЛ се однесуваше на сосема спротивен начин, следејќи ја својата бескомпромисна стратегија на секташтво, варварство и завојување, во која убивањето на Шиитите го смести на врвот на своите приоритети. Па, така, иако пропагандата на Ал каеда става акцент на континуиран понижувачки и навредлив однос кон Шиитите, глобално таа, сепак, претпочита еден „поблаг“ пристап од Исламската држава. Групите се различни во секој поглед, некои од нив се суптилни во своето дејствување, а другите не. На пример, иако можеше да работи со локалните групи, ИСИЛ постојано дејствуваше како освојувачка војска, поттикнувајќи ги локалните милитантни водачи на самостојни акции, наместо да соработува со нив. Освен тоа, локалните жители беа оданочувани, изнудувани и строго надгледувани од религиозните патроли на ИСИЛ, за да се „зацементира“ нивната цврста лојалност кон шеријатскиот закон.
Воинствениот пристап на ИСИЛ се одрази во нивниот стил на борба, при што групата се потпираше врз конвенционален пристап во војувањето, вклучувајќи артилерија и тенкови, во комбинација со некои асиметрични тактики. Кога тие преземаа контрола врз одредена територија, често инфилтрираа странци (Чеченци, Тунижани и Узбекистанци) што управуваа со областа. Но нивниот успех мораше скапо да се плати. Колку повеќе територии преземаа и колку посурово ја покажуваа својата воена моќ, толку помалку нивните противници можеа да ги контролираат своите контраакции.
Како резултат на ова, во споредба со преостанатите салафистички џихадистички групи што оперираа во Сирија, ИСИЛ го извлече подебелиот крај од западните противтерористички операции, што во целост ѝ одговараше на Ал каеда.
Немилосрдниот прилив на пропагандата на ИСИЛ насочена против западните сили – особено грозоморните видеа од обезглавувања, палења и распнувања – ја остави антитерористичката коалиција без голем избор, освен да го насочи своето внимание кон калифатот. Успехот на ИСИЛ во изградбата на својата држава експеримент ја издигна оваа организација на врвот на приоритетите на антитерористичката коалиција. Следствено на тоа, сириската Ал каеда доби повеќе слобода за трпелива обнова на својот кредибилитет и политички легитимитет меѓу локалното население. Имајќи го предвид овој факт, американскиот научник и аналитичар, специјалист за антитерористичка политика Давид Гартенштајн-Рос, го опиша ова како „стратегија за намерен, но суптилен пораст“.
Ривалството ги одредува трендовите на глобалниот тероризам
Иднината на Ал каеда и Исламската држава во голема мера ќе биде дефинирана според нивното земно ривалство. Нема сомнеж дека, почнувајќи од 2014 година, ИСИС можеше успешно да се прикаже себеси како неоспорен лидер на глобалното џихадистичко движење. Но со распаѓањето на нејзиниот калифат дојде до промени, па нејзиното тековно назадување би можело да биде „надградено“ со повторното издигнување на приматот на Ал каеда. Постојат несомнени знаци дека Ал каеда ја промени својата тактика за да ја искористи ситуацијата, која ја смета за своја извонредна шанса да го прошири своето влијание низ северозападна Сирија.
Истата стратегија успешно ја искористи во некои делови од Јемен, каде што оперира преку разни челни организации – разграноци на Ансар шарија и други салафистички групации. Поурамнотежениот и попредвидлив управувачки пристап на Ал каеда е насочен кон добивање поддршка од цивилното население. Начинот на живот во Исламската држава, дури и за нејзините најлојални поданици, беше наметнат со драконски верски толкувања и последователни казни за оние што не беа наполно посветени и послушни. Ал каеда беше помалку строга и рамнодушна кон оние кривични дела што би предизвикале остри казни од страна на Исламската држава.
Во 2018 година Ал каеда ја одбележа 30-годишнината од своето основање, при што е очигледно дека со текот на времето таа еволуираше, се адаптираше и учеше на сопствените грешки. Нејзината способност да воспостави широкораспространет политички легитимитет по пат на подобрување на својот имиџ би можела да ѝ обезбеди сигурно опстојување и во четвртата декада од нејзиното постоење. Заслугата за оваа постепена промена на Ал каеда во потолерантна организација делумно му припаѓа на лидерот Завахири. И покрај сите критики за недостиг од харизма што ги добива од секаде, Завахири сепак ја „збогати“ организацијата со еден сериозен континуитет и историска придобивка во однос на сите успеси и порази на актуелната џихадистичка борба против непријателите.
Под негово водство, Ал каеда направи корекција во курсот (базирана врз досегашните обиди и погрешни потези), активно обидувајќи се да ги поправи претходните стратегиски грешки и лошата доктрина.
Ал каеда помина долг пат во Сирија обидувајќи се да го заштити својот имиџ, со повеќекратно ребрендирање на своите соработници. Билад ал Шамл (Земјата на Левант) е многу посакувана територија за членовите на глобалното џихадистичко движење, најпрвин од верски, а потоа и од географски причини. Американски „Нешнл интерест“ анализира дека Завахири гледа на Сирија како на негова можност да го демонстрира значењето на организацијата, да ја раздели Ал каеда од Исламска држава и да ја прикаже како поспособен и попрагматичен ентитет, на чија страна би застанале идните борци во борбата за превласт.
Да се тероризира Западот или не?
Можеби најинтересната промена во однесувањето на Ал каеда по смртта на Бин Ладен е тоа што организацијата повеќе не е „опседната“ од желбата да го напаѓа Западот. Всушност, според Брус Хофман, во 2015 година Завахири му издал стриктна наредба на Мохамед ал Џолани да престане да ја користи Сирија како лансирна рампа за напади врз западните држави. Постојат неколку можни причини за ваквата одлука, а една од нив е дека европската инфраструктура на Ал каеда не е ни приближно моќна како онаа на ИСИС, па така, каков и да било нејзин напад, би изгледал бледо и неуверливо во однос на она што ИСИС веќе го постигна.
Едно друго, помалку издржано објаснување може да се однесува на фактот дека Завахири едноставно игра на долги патеки, стратегиски зајакнувајќи ги своите Корасани (група докажани членови на Ал каеда што се борат во Сирија) во периодот додека ослабува структурата на ИСИС. Од друга страна, ситуацијата можеби се менува заради постојаното разидување на групите во Сирија и појавата на Танзим Хурас ал Дин. Барем што се однесува до севкупните можности на групацијата, прочистувањето на внатрешната структура би можело да обезбеди патоказ за нејзино проширување и нов капацитет за спроведување надворешни напади.
Дали се гради подецентрализирана структура заради спроведување надворешни напади или, пак, нападите што се надвор од главната територија на групата претставуваат само нуспроизвод од „разубавениот“ организациски стожер на Ал каеда? Следствено на ова, можно е дека оние што се обидуваат да ги анализираат џихадистичките групации, сепак им припишуваат поголема структура одошто тие навистина поседуваат.