Во Кривичниот суд денеска на рочиште за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села од 27 април минатата година сведок по предлог на одбраната беше пратеникот Влатко Ѓорчев.
Пред судот Ѓорчев зборуваше за случувањата од 27 април, како влегол во прес-салата и кога ги видел раскрвавените пратеници решил да застане пред нив и да ги брани, но оти не видел кога бил повреден Села, ниту кој бил напаѓачот.
– Не можев сам да ги одбрана со раширени раце и почнав да повикувам луѓе кои ги познавам или кој било што сака да помогне да се обидеме да ги одбраниме – рече Ѓорчев наведувајќи дека еден од обвинетите Александар Јаневски Тошта бил цело време таму додека ги бранел пратениците и дека Тошта бил еден од оние кои застанале на вратата од прес-салата за да спречи нови демонстранти да влезат.
Тој посочи дека во прес салата го видел Села во ќошот со другите пратеници, но оти потоа не знае што се случувало со него но мисли дека тој бил лицето кое го видел на подот пред него.
– Направив неколку чекори напред видов дека имаше некој на подот, висок човек, но се вратив назад затоа што требаше да бранам 15-20 луѓе позади мене. Јас бев тој кој координирав на некој начин, викав пополни од лево, пополни од десно – рече Ѓорчев.
Пред судот додаде дека откако ги евакуирал пратениците во неговата канцеларија и слушнал дека Села е тешко повреден и се наоѓа во канцеларија на третиот кат заминал натаму заедно со Никола Тодоров и медицинска екипа.
– Бев со Никола Тодоров и со медицинска екипа. Села беше тешко повреден, едвај зборуваше. Му реков: „Ќе излеземе одовде Зијадин“. Потоа го прашав дали знае која крвна група е, за да биде спремно сè за него во болница. Ми ја кажа едвај, со пенкало ја напишав на дуксерот во кој беше пресоблечен. Потоа го евакуиравме преку собраниските гаражи – истакна Ѓорчев.
За обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април минатата година обвинети се Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра. Обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на претходите рочишта се изјаснија за невини.
Судењето ќе продолжи во четврток кога ќе се сослушуваат други сведоци предложени од одбраната.