Според НАСА, пак, утре (на Денот на рударите) покрај Земјата ќе прелета потенцијално опасен астероид со големина на Кеопсовата пирамида во Гиза, на околу еден милион километри од Земјата. Со оглед на растојанието, Денот на рударите нема да биде „денот на ударот“ (ако ја читате оваа колумна, можете да бидете спокојни, бидејќи астероидот ќе помине рано наутро)
Се сеќава ли некој на Хари Стампер? А на Трајан Николовски? Малку помош? И двајцата се еден вид јунаци. Првиот е глобален и филмски, а вториот локален и вистински. Помош? Хари Стампер и Трајан Николовски немале помош во борбата со темнината кога им била најпотребна, едниот над земјата, а другиот под неа.
НАСА открива дека астероид со големина на Тексас ќе удри во Земјата за осумнаесет дена и ќе го збрише животот од планетата. Такво е сценариото во филмот „Армагедон“ на режисерот Мајкл Беј. За среќа, го имаат Брус Вилис, поточно Хари Стампер, кој прави дупка во астероидот за нуклеарен детонатор, што ќе го подели астероидот на два дела, кои безбедно ќе одминат покрај Земјата. Мисијата, по неколку непријатности, успева, а Стампер е колатерална штета на случајот.
Триесет години по филмското сценарио, поточно во 2029 година, НАСА предвидува нешто слично: астероидот Апофис, популарно наречен „Бог на хаосот“, ќе помине на деветнаесет илјади милји покрај Земјата, што по мерата на астрономите е релативно блиску. Со оглед на брзината на астероидот и мало отстапување од траекторијата, би можело да го смести човештвото во филмското сценарио на Мајкл Беј. Не е познато кој тогаш би го играл Хари Стампер и кој би се согласил да биде колатерална штета. Брус Вилис веројатно ќе биде одамна пензиониран.
Утре е Денот на рударите, оние што секој ден одработуваат во онаа борба со темнината и секој ден му гледаат в очи на богот на хаосот, на подземниот Апофис. За нив секој ден може да е армагедон. И Трајан Николовски бил еден од нив, познат како ненадминат рудар-ударник во рудникот во Добрево, во општината Пробиштип. Во чест на нему сличните, во чест на сите рудари, и денес во градскиот парк еден бронзен рудар „дупчи“ во тишина. Само така, за своите сограѓани (о)станува видлив, зашто неговата работа долу под земјата, овде на површината е нечујна. Овој мал, наедно и најмлад град во државата, ќе израсне буквално на рамената на овој некогашен „јунак“ од подземјето. Од рудничка колонија во педесеттите години на претходниот век, Пробиштип ќе израсне во примамливо место за живеење и економски најмоќна општина во следните две децении, период познат како негова златна доба.
Но зборот ми беше за наведнатиот човек во паркот што го исправил градот и неговата неимарска умешност, во која (како што пишува Стојан Стефановски-Лесновски во монографијата за Пробиштип) се вградени трудот и духовната сила на рударите од неколку генерации, кои му го обезбедија на градот епитетот град на рударите (рудниците „Злетово“ од Пробиштип го добиваат од тогашната ФНРЈ високото признание – преодното знаме, како најдобар колектив во рударството во државата).
Сè до преминот во загубарите во 1990-тите години, со тектонските поместувања (овој пат над земјата), во кои, како и кај сите големи промени, најпрво страдаат најголемите.
Рударите денес се десеткувани, а нивната улога е препакувана според потребите на капиталот и пазарот. Денес рудниците ја немаат онаа градителска сила, ниту рударот е како порано – херој на трудот. Како и во филмот „300“ за битката на Спартанците кај Термопилите, нивниот „баталјон“ брои приближно толку наспроти несразмерно потешкиот „противник“ – животот. Од градители на златната доба, рударите денес се уште една алка во системот, во „порите на грбавата планета Земја, каде што секоја стапка му е цел на профитот на богот на златото“ (од песната „Огномет“ на Рацин). Бидејќи, како што пишува американскиот критичар Мајкл Паренти, „суштината на капитализмот е да ја преобрати природата во стоки, а стоките во капитал. Живата зелена земја се трансформира во мртви златни прачки, со луксузни нешта за малкумина и токсична јаловина за многумина“. Така овде, така и на крајот од светот.
Пожарите на Амазонските шуми, кои летово достигнуваат апокалиптични размери, сликовито ја доловуваат суштината на ваквиот капитализам. Факторот не е само човечки, туку системски. Обесшумувањето е единствен начин капиталот да „ослободи“ повеќе земја за фармерство и рударство и да ја зголеми пазарната вредност на земјата како ресурс. Цената на тоа „ослободување“ е загрозување на најзначајниот климатски стабилизатор на планетата, а со тоа и сопствено загрозување. Тоа е наедно суштината и на Марксовата критика на капиталот, според која капиталот не е тој што е владеан од човекот, туку човекот (вклучувајќи го и капиталистот) е владеан од капиталот.
Во Амазон, колатералната штета на тоа (не)владеење, покрај еколошкото уништување, е културниот геноцид на староседелците во опожарените области, чии врски со природата се тесно испреплетени со нивната култура. Не случајно се први на барикадите против пожарите. Нивната храброст во име на блискоста со природата ме потсети на приказните на едно северноамериканско индијанско племе Винебаго, за еволутивните циклуси на јуначкиот мит. Последниот еволутивен циклус на митот именуван како Близнаци, зборува/предупредува за двете спротивни страни на човековата природа, кои заедно победуваат сè пред себе – не постојат чудовишта ни на небо, ни на земја, што треба да ги совладаат. Членовите на ова племе велат дека на крајот веќе ништо не е сигурно од нив – дури ни потпорникот на кој лежи светот. Кога Близнаците ќе убијат едно од животните на кои се потпира светот во нивната митолошка претстава, казната од боговите за гордоста што се надминала себеси е смрт. И покрај нашето гордо владеење со природата, сѐ уште сме нејзини жртви зашто не сме научиле дури ни да владееме со нашата сопствена природа, па така, полека, но неизбежно ја предизвикуваме несреќата (Јунг).
И покрај тоа што НАСА развива планетарна одбрана од закани, како што е астероидот Апофис, се чини дека човечката отуѓеност од природата и од себеси, под менторство на неодговорната моќ на капитализмот, ќе го нанесе фаталниот удар врз човештвото пред тоа да го стори небото. Богот на хаосот веќе блеска на Земјата. Јадрото на системските противречности е она што веројатно ќе треба најпрво да се издупчи овде, долу на земјата, ни под неа, ни над неа. Големиот астероид ќе „доцни“, а на рударот секој ден му е над главата некаков армагедон. Освен тоа, потешко од другите и на многу потемно одработува за белите ѕидови горе, на земјата…
Според приказната на Индијанците Винебаго, казната од боговите сепак не се исполнува, а кај Близнаците, уплашени од својата неодговорна моќ, спротивните страни на човековата природа доаѓаат во рамнотежа.
Според НАСА, пак, утре (на Денот на рударите) покрај Земјата ќе прелета потенцијално опасен астероид, со големина на Кеопсовата пирамида во Гиза, на околу еден милион километри од Земјата. Со оглед на растојанието, Денот на рударите нема да биде „денот на ударот“ (ако ја читате оваа колумна, можете да бидете спокојни, бидејќи астероидот ќе помине рано наутро).
Но тоа не значи дека нема да нè удри колатералната штета на сопствениот хибрис.
Авторот е магистер по мир и развој и поет