Најдобриот светски тенисер, Србинот Новак Ѓоковиќ, ќе биде прв носител (фаворит) на последниот гранслем-турнир годинава, Отвореното првенство на САД во Њујорк, што почнува в понеделник, 26 август, и ќе трае до 8 септември.
Зад Ѓоковиќ, кој ќе ја брани титулата од лани и трипати има победувано во Њујорк ( 2011, 2015 и 2018-та), следуваат победникот од 2017-та, Шпанецот Рафаел Надал (втор носител), и Швајцарецот Роџер Федерер (трет). На листата од 32. носители се уште двајца поранешни шампиони, Хрватот Марин Чилиќ од 2014-та (22-от фаворит) и Швајцарецот Стан Вавринка, шампионот од 2016-та (23-ти фаворит).
Кај жените во улогата на прва фаворитка ќе биде ланската победничка, Американката со јапонски пасош Наоими Осака. Зад неа се Австралијката Ешли Барти, победничката од Ролан Гарос годинава, Каролина Плишкова од Чешка, и Романката Симона Халеп, победничката на Вимблдон.
Американката Серена Вилијамс, која ќе атакува на 24-та гранслем- титула и ги загуби последните три финалиња, е осма фаворитка, а победничката од 2016-та, Германката Анжелик Кербер, е 14-та носителка.
Наградниот фонд на САД опен изнесува 57,23 милиони долари (лани 53 милиони), што е рекордна бројка во тениската историја. Победниците во машка и во женска конкуренција ќе добијат по 3,85 милиони долари (лани 3,8 милиони), а поразените по 1,9 милион. За настап во првата рунда (и елиминација) се добиваат 58.000, за втората 100.000 долари итн.