Младиот ФИДЕ-мајстор (ФМ (19) впиша и нови 31,4 поен, а според прикажаното играше со силина на шахист од 2.482 рејтинг-поени, со што петти пат освои норма за ИМ
Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) и член на ШК Алкалоид, Тони Лазов (2.355 рејтинг-поени, рангиран на 8-то место пред почетокот), постигна одличен резултат, освојувајќи го третото место на меморијалниот велемајсторски турнир „Селимир Манојловиќ“, кој се одржа во Ваљево, Србија. Во конкуренција на 10 шахисти (3 ВМ, 5 ИМ, 1 ФМ), од четири држави (Србија, Црна Гора, Македонија и Турција), по 9 одиграни кола, Лазов освои 5,5 поени (4 победи, 2 пораза и три ремија), колку што имаа и првите двајца, но според дополнителниот критериум Тони е трет. Младиот неготинец (19), впиша и нови 31,4 рејтинг-поен, а според прикажаното играше со силина на шахист од 2.482 рејтинг-поени.
– Задоволен сум од прикажаната игра, а на турнирот бев и најборбен, бидејќи само јас сите партии ги играв најдолго и најборбено, а речиси во секое коло имаше најмалку по три салонски ремија. За тоа говори фактот и што забележав и најмногу победи, четири, а првите двајца по две. Не успеав да освојам норма за велемајстор, оти ми требаа седум поени, но затоа, пак, петти пат освоив норма за интернационален мајстор (ИМ). Сега сум многу блиску до потребниот рејтинг за ИМ, кој изнесува 2.400 поени и за конечна верификација на оваа титула, па се надевам дека ќе го реализирам тоа на квалификациите во Охрид – ни изјави Лазов.
Лазов на турнирот со просечен рејтинг на шахистите од 2.398 поени, ги победи: ВМ Владимир Костиќ (2.296), ИМ Никола Радовановиќ (2.414), Петар Бенковиќ (2.405), сите од Србија и ИМ од Турција, Умут Атакиши (2.398). Ремизира со Лука Радовиќ (2,328), ВМ Дејан Пикула (2.437) двајцата од Србија и ИМ Дениз Ознен (2.437) од Турција, а загуби од победникот на турнирот, црногорскиот ВМ, Драган Косиќ (2.483) и ИМ од Србија, Јанко Радовиќ (2.430), кој заврши како втор во Ваљево.