Грчките власти испратија засилувања на пожарникарите кои се борат со голем шумски пожар во природен резерват на островот Евија, додека канадери се обидуваат да ги изгаснат пламените во тешко достапен кањон.
На третиот ден од пожарот, 12 канадери, меѓу кои и два испратени од Италија и еден од Шпанија, како и 11 хеликоптери продолжија со летови за гаснење на огнената стихија, соопшти пожарникарската служба. Околу 100 пожарникари се испратени на терен, со што вкупната бројка достигна 382.
Пламените се забележани во близина на природен резерват за животни, северо-источно од селото Платанија. Четири села беа евакуирани првиот ден, иако некои жители се вратија во своите домови во средата. Еден пожарникар, кој се здоби со изгореници, беше опериран и се опоравува од повредите.
Во областа е прогласена вонредна состојба, а Грција побара противпожарна помош од други европски земји.
Најмалку два нови пожари, една во јужна Грција и еден во западниот остров Закинтос, избувнаа денеска, соопшти пожарникарската служба.
Две лица – 58-годишен и 52-годишен маж се уапсени поради подметнување пожар во два одвоени случаи во јужна Грција.
Шумските пожари се вообичаени во Грција за време на жешките, суви летни месеци. Властите постојано ја предупредуваа јавноста да не палат оган на отворено и да не преземаат други активности кои можат да предизвикаат пожари.
Минатото лето повеќе од 100 луѓе загинаа кога избувна шумски пожар во околината на Атина.