Континуитетот на објавување на снимките од прислушуваните материјали од италијанскиот медиум „Ла верита“, а поврзани со случајот „Рекет“, продолжи и во текот на викендот. Во саботата, италијанскиот медиум ја приложи третата објава од снимените разговори, по што прв пат се огласија и претставници од ЕУ.
На Твитер се огласи еврокомесарот Јоханес Хан, со сосема бирократска порака дека борбата со високата корупција мора да продолжи.
– Северна Македонија: Борбата против корупцијата на високо ниво мора да продолжи непрекинато. Што се однесува до најновите откритија, важно е да се утврди правна одговорност за сите кривични дела, вклучувајќи ги и оние што произлегуваат од и околу илегалните прислушувања. Сите кривични дела мора да бидат испитани од надлежните органи, ослободени од какво било мешање, а сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата – порачува еврокомесарот Хан во објавата на Твитер.
Пред Хан, единствената „европска реакција“ на социјалните мрежи беше од поранешната европратеничка од Германија, Дорис Пак, која се прашуваше зошто не реагирала Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) и дека решението за името на државата не е оправдување за криминалната реалност.
– Зошто не реагира ЕЕАС? Граѓани ми пишуваат, ми се јавуваат, тие се чувствуваат напуштено!!! Решението за името не може да се користи за затворање на очите пред криминалната реалност! Северномакедонскиот премиер се споменува во третото видео за „Рекет“ – напиша Дорис Пак на Твитер, по што доби бран реакции од Македонија.
Во меѓувреме во македонската јавност, членови на владејачката СДСМ, како и коалициските партнери, реагираат дека „нема поголема навреда за правниот систем на една држава од тоа со него да управува и владее Боки Тредичи“ (Ана Павловска – Данева), а Демократскиот сојуз алармира дека се „разнишани темелите на државата“.
Последните информации пласирани во јавноста се дека обвинителката од организиран криминал, која го води „Рекет“, Вилма Рускоска од вторник (13 август) се враќа на работа и ќе бидат повикани да дадат исказ во врска со најновите објави и обвинителките Јанева и Стефанова, апострофирани во снимките.
Од друга страна, кичевецот со псевдоним Ел Чека, кој објавува „бомби“ од Чикаго, излезе со нови обвинувања. Тој вели дека и специјалната обвинителка Фатиме Фетаи е инволвирана во корупциски скандал.
Ел Чека веќе подолго време објавува т.н. „бомби“ против функционери од ДУИ.