Економската состојба во второто тримесечје од 2019 година е понеповолна во однос на претходното тримесечје, а се очекува да биде понеповолна и во наредните две тримесечја, покажала анкетата на Државниот завод за статистика
Раководителите на деловни субјекти укажуваат на намалени очекувања за трговијата во следниов период. Според анкетата што ја прави Државниот завод за статистика, се забележува благ пад на индикаторот на доверба, но она што загрижува е што деловните субјекти очекуваат влошување на состојбите во наредниот период.
– Според оцената на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во трговијата на мало во второто тримесечје од 2019 година е за 0,2 процентни поени понизок во однос на претходното тримесечје. Eкономската состојба на деловните субјекти во второто тримесечје од 2019 година е понеповолна во однос на претходното тримесечје, а e поповолна во однос на истото тримесечје од 2018 година. Се очекува да биде понеповолна и во наредните две тримесечја. Количеството на резервите е на еднакво ниво како и во претходното тримесечје – ова е наведено во соопштението на Државниот завод за статистика. Во соопштението е исто така посочено дека, според раководителите, финансиската состојба во второто тримесечје од 2019 година е поповолна во однос на претходното од 2019 година.
Тие исто така посочуваат дека по нивна оцена сметаат дека порачките за наредниот период ќе се намалат, а исти очекувања имаат и за бројот на вработените.
– Продажните цени во второто тримесечје од 2019 година се зголемени во однос на претходното, а се очекува нивно зголемување и во наредните 3 месеци. Најголемо влијание врз ограничувањето на економската состојба на деловните субјекти во текот на второто тримесечје од 2019 година имале недостигот од обучен кадар со 21 отсто, слабата побарувачка од купувачите со 20,2 проценти, зголемени трошоци за труд со 18,4 и зголемената конкуренција на пазарот со 16,8 отсто – е образложено во соопштението.
Сепак, наспроти лошите очекувања на бизнис-секторот, владините претставници, повикувајќи се на официјалните статистички податоци за првите месеци, укажуваат на подобрена економска состојба во земјава.
Премиерот Зоран Заев неодамна на прес-конференција посочи дека има огромен економски напредок, а показател им се заклучоците на Светската трговска организација (СТО).
– Светската трговска организација вели дека бруто-домашниот производ (БДП) по жител пораснал за повеќе од 40 проценти, а невработеноста се намалила од 31 процент на 18,7 проценти во 2018 година споредено со 2013 година. СТО констатира дека дефицитот во тековната сметка се намали од 240 милиони евра (3,2 проценти од БДП) во 2012 година на 31,9 милион евра (0,3 проценти од БДП) во 2018 година. Ова се должи на намалувањето на дефицитот во трговскиот биланс и на зголемувањето на вишокот на балансот на услугите – информира Заев.
Тој исто така додаде дека во ревизијата на Светската трговска организација е запишано дека нето-приливите на странските директни инвестиции се зголемиле од околу 131 милион евра во 2012 година на 621,9 милион евра во 2018 година, што значи дека директните странски инвестиции во бруто-домашниот производ во 2012 година учествувале со 1,5 процент, а во 2018 година со 5,8 проценти.
Статистика, во првиот квартал од 2019 г., регистрира раст на бруто-домашниот производ (БДП) за 4,1 отсто, што според упатените укажува на стабилност. Двигател на економијата се финалната потрошувачка и извозот, а поради слабата реализација на државните капитални инвестиции се смета дека приватниот сектор е генератор на економскиот раст.
– Оваа година ќе почнеме да ги реализираме најголемите капитални инвестиции во инфраструктурата и со тоа ќе го стимулираме растот на домашната економија. Во буџетот имаме ограничен простор за изградба на овие крупни инфраструктурни проекти, и ако оставиме само на тоа ќе ни требаат можеби и 50 години за да ја изградиме целата неопходна инфраструктура во државата. Но ќе се обидеме секаде каде што е тоа возможно, државата да соработува со приватни компании, односно проектите да се градат како јавно-приватно партнерство. Државните и приватните инвестиции, како домашни така и странски, ќе го забрзаат економскиот раст над 5 отсто – изјави вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.