Владиците на МПЦ-ОА на последната синодска седница во Охрид не разговарале за ова прашање, со образложение дека до нив нема никакво известување дека СПЦ се одлучила да седне повторно на заедничка маса со македонските владици
Српската православна црква не се откажува од притисоците врз Вселенската патријаршија, со намера да издејствува патријархот Вартоломеј да се откаже од намерата за решавање на црковното прашање во Македонија. Дали во тие притисоци СПЦ се служи и со закани, користејќи ги сите методи, е дилемата што се појави по последното интервју на црногорско-приморскиот митрополит на СПЦ, г. Амфилохије дадено за руската агенција ТАСС.
Тој многу отворено вели дека евентуална одлука на вселенскиот патријарх да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА, или да го повтори украинското сценарио на Балканот, ќе значи објавување војна против Српската православна црква. Што подразбира владиката Амфилохије под „отворање војна“, не прецизира, но во интервјуто индиректно го навредува патријархот Вартоломеј дури и до степен на еретик, обвинувајќи го дека е под влијание на „недостојни млади митрополити, амбициозни луѓе во Вселенската патријаршија“.
– Не верувам дека моделот на украинскиот раскол може да се повтори на Балканот, или во Црна Гора. Дедаиќ е разрешен од вселенскиот патријарх. Што се однесува до Македонија, по сите случувања во Украина, не очекувам дека со своите постапки Цариград би ѝ објавил војна на Српската православна црква. По Украина сѐ може да се очекува, но се надевам дека до тоа нема да дојде. Вселенскиот патријарх е човек во години и се обидува да го зацврсти своето првенство, но во секоја смисла ја доведува позицијата на својата патријаршија во голема опасност. Во тоа нема никаков сомнеж. На цариградскиот престол биле големи ерарси како свети Јован Златоуст или свети Григорије Богослов, но имало и еретици. Непогрешливи во црквата нема – изјавил во интервјуто владиката Амфилохије.
Верските аналитичари во земјава велат дека ваквите изјави на српските владици не се изненадувачки, особено кога доаѓаат од групата архијереи што знаат да користат ваков речник. Сметаат дека главната цел на овие изјави е да го премислат патријархот Вартоломеј во намерата да го реши и црковното прашање во Македонија, но од друга страна ги оценуваат и како очајнички изјави.
– Изјавата на Амфилохије е дадена со речник што тој постојано го користи. Кога вели дека на овој начин ќе биде отворена војна кон СПЦ, Амфилохије сака да му порача на Вартоломеј дека СПЦ и официјално ќе ја избере страната на Руската црква, но и дека еднострано признавање на МПЦ-ОА за СПЦ би значело носење одлука идентична како и онаа на Руската црква, а тоа е прекинување на сослужувањето со Вселенската патријаршија. Вселенскиот патријарх Вартоломеј нема да се исплаши од овие закани, особено не сега кога на повидок е признавање на Украинската автокефална црква од Грчката и можеби и од други православни цркви – објаснуваат аналитичарите.
Инаку, оваа изјава на Амфилохије доаѓа и во период кога СПЦ на последниот собор на архијереи одлучи да го возобнови дијалогот со МПЦ-ОА, но досега сѐ уште за ова официјално не ја известила македонската црква.
Владиците на МПЦ-ОА на последната синодска седница во Охрид не разговарале за ова прашање, со образложение дека до нив нема никакво известување дека СПЦ се одлучила да седне повторно на заедничка маса со македонските владици.
Верските аналитичари оценуваат дека оваа есен може да се очекува некакво придвижување на работите околу прашањето за МПЦ-ОА и дека Вселенската патријаршија, најверојатно, прво ќе се обиде да разговара со СПЦ за да го стави прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА на маса.