„Комуницира.ме“ е бесплатна апликација, што им овозможува на сите да комуницираат со лицата со оштетен слух и да го научат македонскиот знаковен јазик. Таа ќе им овозможи интеграција на лицата што комуницираат со овој јазик во рамките на институциите, на работното место и во неформалното опкружување. Со апликацијата секој може да ги научи најпотребните фрази и азбуката на македонскиот знаковен јазик. Творци на апликацијата се Марко Доновски, Оливер Божиновски, Панче Димовски и Горан Воиновски, во соработка со државниот училиштен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ од Скопје.
– Во моментов ја имаме македонската знаковна азбука и 50 фрази и зборови што се најупотребувани, а планираме да ја дополнуваме со секој следен апдејт. Сѐ уште работиме на подобрување на апликацијата, заедно со учесниците од Академијата за програмирање. Во академијата „Бреинстер“ учиме да програмираме со работа на реален проект. Овој пат, тоа е мобилна апликација што ќе ни ја олесни комуникацијата со лицата со оштетен слух – вели Марко Доновски, еден од творците.
Во моментов апликацијата е достапна само за андроид и е бесплатна за сите. Нејзиното користење е мошне едноставно. За секоја буква, збор или фраза има краток видеоклип на кој има демонстрација на македонскиот знаковен јазик. Така, секој може лесно да ја научи или, пак, да посегне по апликацијата кога ќе стапи во контакт со лице со оштетен слух.
– Апликацијата може да ја користи секој, а идејата е да им овозможи на лицата со оштетен слух да се интегрираат во секојдневието. Практично, со неа, сите ќе го имаме знаковниот јазик во џебот,а неговото учење ќе биде полесно од кога било и ќе можеме да комуницираме со лицата со оштетен слух во секој момент. Целта на Академијата за програмирање беше да научиме да програмираме преку градењето на оваа апликација, но истовремено и да ѝ дадеме вредност на заедницата со помагањето во решавање на овој општествен проблем. Веруваме во тоа дека технологијата е тука за да го направи светот подобро место за живеење и да креира можности што претходно не постоеле. Со оваа иницијатива се надеваме дека ќе поттикнеме слични проекти иницирани од страна на македонските компании и студенти – велат иницијаторите на „Комуницира.ме“.