Тоа имаше ненаметлива, но привлечна архитектура, почнувајќи од неконвенционалниот влез, седиштата, просторот за големото синемаскоп-платно.
А се прикажуваа и многу премиерни филмови
Познатото летно кино „Парк“ веќе не постои. Објектот е урнат поради изградбата на новиот забавен лунапарк, кој веќе долго време се очекува. Нормално е времињата се менуваат, но постојат места и објекти што оставиле неизбришливи траги во срцата на скопјани. И тие толку лесно не се бришат. Така е и со летното кино „Парк“. Тоа е дел од меморијата, од детството и младоста, првите излегувања во паркот, првите гледања филмови на отворено. Тоа кино имаше неповторлив шарм и убавина, како еден од симболите на Скопје, кое веќе го нема. При исчезнувањето на таквите култни места не може да не ви затрепери срцето, да не ви се вратат спомените. Летното кино „Парк“ е изградено по војната, во 1950-тите години, и спаѓа во оној комплекс од културни и забавно-рекреативни објекти, кои од паркот направија вистински рај за прошетки, забава. Да споменеме само некои од тие содржини што денес главно ги нема.
Пругата и првата станица на малото вовче, покрај денешното езерце, градени се и пуштени во употреба во 1948 година. Тоа вовче беше како од сказните, сообраќаше до над излетничкото место Сарај, и поминуваше низ рајски предели од шуми, води, излетнички места. На тој простор се наоѓаше и стариот лунапарк што ги воодушевуваше децата, иако беше скромен по своите содржини во однос на денешните: мал рингишпил, мали и средни велосипеди, кои прицврстени за една оска се движеа во круг, популарните „чамци“ за нишање, стрелиште… До самото езерце постоеше уште еден летен објект во кој се даваа приредби, кој денес е урнат. Посебно доживување беше стадионот, особено кога со Вардар играа Црвена звезда, Партизан, Хајдук или Динамо. За да влеземе и да го следиме натпреварот, фаќавме за рака некој од повозрасните гледачи и навивачи, кои нѐ внесуваа во стадионот. Во попладневните часови ги посматравме фудбалерите кога тренираа на помошното игралиште, ги слушавме гласот и инструкциите на легендата Шпиц, за кого, во тие детски години и не знаевме колкава фудбалска големина е тој.
Во раните вечерни часови тука на тревата, од помошното игралиште, доаѓаа главно млади луѓе со гитари, закрепнувачка и релаксирана атмосфера, свежина допираше од паркот, дувкаше ветер поради близината на реката Вардар, а од другата страна на жицата од игралиштето, многубројните шетачи одеа во паркот, по насипот, покрај малиот лунапарк и тениското игралиште. Од околните звучници веќе ечеше музиката што во тоа време беше во тренд: Адриано Челентано, Роко Граната или од нашата Нина Спирова, со „Еден бакнеж“. Но во рамките на тоа помошно игралиште, постоеше уште еден простор што беше особено популарен – кошаркарско игралиште, на кое освен што се играше кошарка, се организираа рок-забави, но и натпревари во мал фудбал. Играчите на мал фудбал беа толку упорни, така што надлежните мораа да ги исклучат осигурувачите, бидејќи на играта ѝ немаше крај. „На тие натпревари присуствуваше повеќе публика, отколку на некои денешни натпревари на Вардар“, се шегуваат денес пријателите. А како да се заборават тие игри и фудбалските финти на Гуец, Мите Кук, Ѓоко Кинезот, Стојан Сељакот, Кампингот, Тоска, Мачки, Ѓукле, под будното око на фудбалскиот кибицер Фока, секогаш дотеран во костум и со шапка.
Ако на сето ова се додадат и летните бавчи „Опатија“, „Кермес“ или „Офицерска бавча“ или плажите, се заокружува феноменологијата на Градскиот парк. Во убавината на сета таа оаза на мир и спокоен живот, посебно место заземаше летното кино. Тоа имаше ненаметлива, но привлечна архитектура, почнувајќи од неконвенционалниот влез, седиштата, просторот за големото синемаскоп-платно. А се прикажуваа и многу премиерни филмови, така што постојано имаше многубројна публика. Трајче Ставрев, мојот генерациски и маалски пријател, вака со носталгија и духовито го опишува летното кино: „Ако киното собираше триста гледачи, на околните дрвја беа искачени уште двесте гледачи, млади луѓе, кои бесплатно ги гледаа филмовите. Ем гледаш филмови бесплатно, ем си во убава природа и свежина во паркот. За жал, се случи едно несреќно паѓање од дрво, а потоа беа исечени неколку од високи стебла. Сосема оправдано се забрани таквото гледање“. Трајче се сеќава на многу незаборавни филмови од летното кино: филмовите со Џон Вејн и со Гари Купер, „Странецот во седло“ со Рандолф Скот, „Фанфан Лала“ со Жерар Филип и со Џина Лолобриџида ,,Рио Гранде“. Најинтересен беше моментот, раскажува Трајче, кога во летното кино се даваше филмот „Дракула“. Другар ми, кој седеше до мене, кога ќе имаше морничава сцена, ја пикаше главата под мојата летна кошула, со зборовите: „кога ќе заврши страшниов дел, кажи ми“. Наоколу шумолеа дрвјата, бучеше паркот, а Дракула навистина изгледаше страшно.
Во летното кино се одржуваа и концерти, како на пример на славните „Црвени корали“, се даваа претстави, а подоцна, децата доживуваа безброј радости на своите приредби. Во иднина ќе се отвори некој нов таков простор, но тоа ќе биде нова приказна. Нашето незаборавно летно кино „Парк“, веќе замина во легендите.