Неколку илјади луѓе синоќа протестираа поради смртта на една тинејџерка, која повеќепати испратила телефонски повици за итна реакција, но истите биле занемарени. Поради инцидентот, романскиот министер за внатрешни работи го отпушти шефот на полицијата.
Малолетната Александра Макесану(15) дури три пати го повикала европскиот број за итни случаи (112), кажувајќи дека е грабната од маж додека стопирала за да се врати во своето родно село од блискиот град Каракала, на југот од Романија, пренесуваат британските медиуми. Нејзиното семејство тврди дека надлежните на ја сфатиле сериозно ситуацијата, додека полицијата наведува дека имале проблем да ја најдат.
На полицијата ѝ беа потребни 19 часа за да ја лоцира девојката и да влезе во куќата во која пронашле и остатоци од човечки тела и накит што девојката го носела, по што привеле 65-годишен маж на испитување, пренесува Би-би-си.
Полицијата се сомнева дека посмртните остатоци што ги нашле се на 15-годишната Макесану и на 18-годишната девојка од блиското село која исчезна во април, но форензичарите допрва треба да го потврдат нивниот идентитет.
Проценките се дека низ центарот на Букурешт демонстрираа околу 2.000 Романци во знак на протест за начинот на кој властите постапија во овој случај, носејќи транспаренти на кои пишуваше „Корупцијата убива“, „Нивната крв е на вашите раце“, и „Ја убиваат Романија“.